Без дополнителни епидемиолошки рестрикции за празниците

Бројот регистрирани активни случаи на заразени со Covid-19 во Македонија изнесува речиси 5.000, а првиот случај на сојот омикрон на вирусот SarsCoV2 во земјата е детектиран во петокот кај маж кој допатувал од Велика Британија, но здравствените власти не најавуваат дополнителни рестрикции во време на претстојните новогодишни и божикни празници.

Надлежните здравствени власти најавија дека за време на празниците не се предвидуваат нови дополнителни мерки во земјава, а вакцинацијата останува единствен начин за сузбивање на епидемијата. Иако, бројни земји во светот во пресрет на божикните, според Грегоријанскиот календар, и новогодишните празници ги заострија антиковид мерките.

„Сметам дека сиве овие мерки коишто се на сила сега кај нас се сосема доволни и не треба да се зголемува степенот на рестрикција во било која смисла, како во однос на тоа што се бара за влез во земјата, така во однос на се што важи за масовните собири, без разлика дали се тоа затворени објекти или некои настани или во угостителските објекти“, рече во саботата министерот за здравство Венко Филипче во изјава за Канал 5.