Македонската ракометна репрезентација отпатува со 19 ракометари за Европското Првенство во Данска, но според пропозициите во првиот круг можат да бидат пријавени максимум 16 играчи. Селекторот Ивица Обрван ја донесе конечната одлука, па така од неговиот список за првите три средби отпаднаа голманот Никола Митревски,пикерот Никола Маркоски и средниот бек Немања Прибак.
За Прибак беше јасно дека ќе биде надвор од составот, бидејќи тој нема право за настап се до стартот на втората рунда, додека Маркоски не беше во преден план во текот на подготовките, каде апсолутна предност добија Стоилов и Димовски. Обрван имаше најголема дилема кога станува збор за голманската позиција, но сепак „пресече“ и им даде предност на Ристовски и на Ангелов.
Согласно пропозициите, репрезентациите немаат право да прават замени во составот во текот на првата рунда, а доколку се обезбеди пласман во втората фаза, тогаш селекторите ќе имаат право да сменат двајца ракометари од своите состави.