Спикерот на Собранието Талат Џафери ја отфрли иницијативата за референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, што предизвика различни толкувања.
-Работата не е толку комплицирана колку што се чини. Ако се прочита Уставот ќе видите дека договорите кои се ратификувани од Собранието се дел од правниот поредок и не можат да се дерогираат со закон, вели универзитетскиот професор Мерсел Биљали за „Студио 10“ на ТВ24.
Биљали вели дека не може да се оцени оти Договорот за пријателство со Бугарија е штетен бидејќи е ратификуван од пратениците во Собранието кои се претставници на народот.
-Пред да го прочитаме нашиот Устав треба да ги прочитаме завршните одредби од тој договор. Таму се вели дека секоја страна има право да се повлече од договорот и за тоа писмено да ја извести другата страна, а последиците од таквото дејство стапуваат на сила по една година, вели Биљали.
Тој додава дека референдум за меѓународен договор е можен но како претходен договор, а не постои дополнителен референдум.
-Ако ВМРО-ДПМНЕ покренеше референдум пред да се потпише договорот тогаш не можеше да се игнорира одлуката донесена од граѓаните на таков референдум, појаснува Биљали.
Претседателот на Собранието може само да констатира дали формата на барањето е исправна, но нема ингеренции да одлучува за формата на барањето. Ако барањето има исправна форма го препраќа до Законодавно правната комисија, ја објаснува Биљали процедурата.
-На пример, ако треба да склучиме договор за приклучување во ЕУ, пред тој договор да се ратификува со Собранието ние може да организираме референдум дали сме за, но не и потоа, вели Биљали.
Ако се претендира референдумот да биде полноважен треба да биде исправно формулиран, односно да има опции за и против. Ако прашањето а приори го сугерира одговорот тоа не е легитимно.
-Јас постојано сум за опозицијата, но за опозиција која се занимава со визии. Ни власта нема визија, пред се економска визија. Од земјата се иселуваат голем број млади луѓе. Ние ќе останеме без подмладок што е главна сила за развој на дравата. Ние не ги користиме основните ресурси во нашата земја. Има помали земји кои одржуваат 20-30 милиони луѓе, вели Биљали.
Тој вели дека на времето имало теории дека Европа има намера да ги повлече луѓето од Западен Балкан кои полесно се адаптираат на европската култура, а овој дел да биде населен од луѓе од Истокот и Африка. – Сега гледаме дека тоа навистина почнува да се остварува, вели Биљали.