Бијонсе со најмногу номинации за Греми наградите

Нов сингл на Бијонсе
Нов сингл на Бијонсе

Американската пејачка Бијонсе денеска доби најмногу номинации за 65-тото доделување на американските музички награди Греми, со номинации во девет категории, пред раперот Кендрик Ламар, британската поп дива Адел и пејачката Бренди Карлајл.

Денеска објавениот список на номинации го отвора патот за реванш меѓу Бијонсе и Адел на следната церемонија за доделување на наградите која ќе се одржи на 5-ти февруари 2023-та година во Лос Анџелес.

Во 2017-та година британската уметничка ја победила конкуренцијата во главните категории, освојувајќи пет Греми награди со својот албум „25“.

Пет години подоцна, Бијонсе е во полпозиција со својот албум кој беше објавен во јули – „Renaissance“, со денс и диско акценти. Бијонсе доби девет номинации во главните категории за албум, песна и видео на годината, со што дошла пред раперот Кендрик Ламар, кој доби осум номинации, а следат Адел и поп-рок и кантри пејачката Бренди Карлајл, кои добија по седум.

41-годишната „кралица“ Бијонсе, исто така му се придружува на својот сопруг, раперот Џеј Зи, со кој го дели првото место за најмногу номиниран уметник на сите времиња, со по вкупно 88 номинации.

Речиси половина од главните номинирани оваа година се жени и повеќе од половина се Афроамериканци, велат информациите од Академијата за дискографска уметност и наука.

Бијонсе, најнаградувана жена во историјата на Греми со 28 награди, би можела да го урне рекордот кој го држи унгарско-британскиот диригент Џорџ Шолти за најмногу освоени награди, доколку освои четири Гремија. Шолти, со освоено 31 Греми, го држи рекордот за најмногу освоени награди од 1997-ма година.

Наградата Греми, основана во 1959-та година, е годишна награда за исклучителни придонеси во музиката и дискографијата, која ја доделува американската Академија за дискографија и уметност.