Не давајте никому пари на врата, плаќајте ги сметките на шалтер или преку компјутер.
Иако наплатата на сметките за потрошена електрична енергија повеќе од 10 години се врши само на шалтерите на ЕВН и во банките и поштите, сепак деновиве низ Скопје се појавија лажни инкасатори. Тие ја користат неинформираноста на некои граѓани и претставувајќи се лажно дека се врабоитени во ЕВН со измама им земаат пари на корисниците.
Повеќе граѓани пријавиле дека се измамени, а и од ЕВН велат дека ги прибираат информациите и ќе ги достават до истаржните органи за понатамошна постапка.
„Веќе ги имаме првите информации за овие измами кои ни ги проследија корисниците. Тоа се измамници и не се тоа наши вработени. Проблемот е што дури по еден месец од измамата, корисникот дознава дека е измамен. Со новата сметка добива информација дека има долг и тогаш е јасно дека бил жртва на измама, вели Атанас Ковачевски, портпаролот на ЕВН Македонија. Апелираме додека да се откријат овие сторители граѓаните да не плаќаат никому ништо во готово за услугите на ЕВН. Веќе десетина години за сите услуги корисниците добиваат фактури кои исклучиво се плаќаат на наплатните места на ЕВН, во банките, поштите или електронски на нашата интернет страна, никако во готово, додава Ковачевски.
Од ЕВН апелираат сите вакви случаи веднаш да ги пријават и во МВР и во ЕВН Македонија за да може да се преземат понатамошни активности за откривање на сторителите. Нема прецизни информации колку граѓани досега се жртви на вакви изманици, она што според пријавите може да се види е дека жртви се повозрасните или недоволно информираните граѓани.