Во Босна и Херцеговија во понеделникот се потврдени сразмерно мал број од 726 нови случаи на зараза со коронавирусот, но истовремено поставен е нов црн рекорд, бидејќи дури 73 лица починале во последните 24 часа како последица од компликациите предизвикани од Covid-19, соопштија ентитетските заводи за јавно здравје.
Во денвниот пресек од неделата кон понеделникот се наведува дека биле направен повеќе од 2.100 тестирања на примероци, а коронаинфекцијата е потврдена кај 430 лица од Федерацијата БиХ и кај 296 лица од Република Српска.
Бројот на новозаразените е значително помал од дневниот просек минатата седмица, но значително е помал и бројот на тестираните примероци, што е вообичаено преку викендите.
Поединечно, најмногу нови случаи имало во Сараево, каде се регистрирани 105, во Бања Лука имало 67, а од Мостар се пријавени вкупните податоци за викендов во кој имало 233 случаи на новозаразени, каде во два дена починале 11 лица кои се лекувале од Covid-19.
Во Федерацијата БиХ потврдени се вкупно 47 смртни случаи, што е најмногу во еден ден во овој ентитет, додека во Република Српска имало уште 26 починати. Со тоа вкупниот број почината во БиХ од избувнувањето на епидемијата во март сега изнесува 1.972 лица.
Властите во БиХ ниту на едно ниво засега не најавија воведување на построги мерки за ограничувања од оние кои во моментов се на сила. Во Федерацијата БиХ и натаму на сила е забраната за движење во ноќните часови, со исклучок на лицата кои во тој период од денот се врзани со работните места, додека во Република Српска нема такво ограничување.