Челникот на најголемата бошњачка Партија за демократска акција (SDA), Бакир Изетбеговиќ, тврдеше во петокот дека неговото исфрлање од власта не би било мудра одлука, бидејќи партијата и натаму има поединечно најголема поддршка меѓу гласачкото тело во Босна и Херцеговина (БиХ).
Во пресрет на потпишувањето на документот за програмска соработка на партијата на босанскохерцеговските Хрвати – Хрватска демократската заедница (HDZ BiH) и блокот бошњачки и граѓански партии, најавено за следната седмица, со што ќе се создаде простор за воспоставување нова власт без SDS, Изетбеговиќ за новинарите во Сараево изјави дека тоа го смета за погрешен пристап, оценувајќи дека тоа нема да донесе стабилност.
Изетбеговиќ, кого во трката за член на Претседателството на БиХ од редовите на Бошњаците тешко го порази опозицискиот кандидат Денис Беќировиќ, сега тврди дека блокот од осум партии, кои изминатите четири години беа во опозиција и се подготвуваат да ја преземат власта од SDA, всушност попуштаат „пред желбите на некои странци“, како и дека во тој блок „не се свесни“ колку всушност ќе им биде тешко следните четири години.
„Никому не би препорачал да прави такви нешта“, изјави Изетбеговиќ тврдејќи дека воспоставувањето на власта е сѐ уште далеку од завршена работа бидејќи SDA има поединечно најмногу пратеници на сите нивоа во парламентот, како и во собранијата на жупаниите во рамките на Федерацијата БиХ.
Друга можност за свое учество во власта Изетбеговиќ гледа и во тоа што сѐ уште не се завршени изборите за пратениците во домовите на народите, и на ниво на Федерацијата и на ниво на државата, и сугерира дека е можно SDA и во тие комбинации на крајот да биде посилна од бошњачко-граѓанската осумка. Но признава дека власта во крајна линија е невозможна без HDZ BiH, но и српскиот лидер Милорад Додик.
Лидерот на HDZ BiH, Драган Човиќ, претходно седмицава изјави дека неговата партија се повлекува од партнерството со SDA, бидејќи довербата меѓу овие две партии неповратно е нарушена во изминатите четири години и потврди дека за хрватската страна како нов партнер прифатлива е единствено досегашната опозициска „осумка“, со чиј претставника на 29-ти ноември ќе потпише документ за програмска соработка.
Милорад Додик, пак, очекува дека новиот партнер во власта на ниво на државата ќе биде неговата партија Сојуз на независните социјалдемократи (СНСД), а на Изетбеговиќ во петокот му упати остри критики дека е „лажен антифашист“.
„Неподносливо е потомците на оние кои биле припадници на Ханџар дивизијата (во Втората светска војна – соработници на германските нацистички власти во БиХ), како Бакир Изербеговиќ, хрватското цвеќе како што го нарекуваа, денеска да зборуваат за ЗАВНОБиХ и антифашистичкото минато на својот народ, а дека јас, чиишто двајца дедовци беа во партизанското движење, дека ете не ги негувам антифашистичките вредности“, изјави Додик коментирајќи ги контроверзиите околу одбележувањето на 25-ти ноември како ден на Државноста на БиХ, за што се залага и Изетбеговиќ.