Лидерот на Република Српска, Милорад Додик, во средата по новото судско рочиште во Судот на Босна и Херцеговина на кој е обвинет за непочитување на одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина, изјави дека нема правда за Србите во тој суд и дека овој судски процес е всушност хајка против негои и српскиот ентитет.
Додик и директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ, беа обвинети дека овозможиле објавување на два закона што беа усвоени од парламентот на Република Српска и покрај тоа што високиот претставник Кристијан Шмит претходно ги откажа. Додик, инаку, не го признава легимитетот на Шмит бидејќи е именуван без редовната дискусија во Советот за безбедност при Обединетите нации, за што има поддршка од Русиај и Кина како постојани членки на Советот.
Неспроведувањето на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина е кривично дело казниво од шест месеци до пет години затвор според законите донесен во Федерацијата на БиХ донесени од високиот претставник, а пресудата во случајот на Додик би значело автоматско разрешување од функцијата претседател на Република Српска.
Судењето, кое започна во ноември минатата година, продолжи во средата со излагање на сведоците на одбраната. Како сведоци беа повикани блиските соработници на Додик, кои треба да ја потврдат тезата на одбраната дека тој не е виновен за ништо бидејќи само ги спроведувал одлуките на парламентот, што е должен да го прави со ентитетските закони и уставот.
Додик пред влезот на судскиот комплекс во Сараево, беше пречекан од вообичаениот декор, односно шпалир од неговите соработници кои му аплаудираа. Членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, сето тоа го проследи со изјавата дека нејзиниот партиски лидер е изложен на „незаконска инквизиција“ од покренувањето на обвинението минатата година и дека таа и нејзините истомисленици безусловно стојат покрај Додик и Лукиќ.
На веќе вообичаената прес-конференција по сослушувањето во Источно Сараево, Додик тврдеше дека обвинителството не може да ја докаже неговата вина, а судот избегнува да ја прифати како факт.
„Ова е првенствено политички процес“, ги повтори своите стари тези Додик, лут затоа што не му беше дозволено да го доведе во прашање статусот и овластувањата на високиот претставник Шмит на суд. Тој се пожали и на тоа што клима уредот не работи добро во судницата на високите температури, што наводно му ја попречувала концентрацијата, па заклучи дека се создава атмосфера на „свршен чин“ и само чека довршување на судењето.
Бранителот на Додик, познатиот адвокат од Загреб, Анто Нобило, пред новинарите тврдеше дека судот направил процедурални грешки при изведувањето на доказите, па најави дека одбраната тоа ќе го капитализира во жалбата на пресудата во првостепената постапка, додека другиот адвокатот Горан Бубиќ се пожали дека судијката Сена Узуновиќ „се однесува формалистички“ бидејќи не го цени начинот на кој одбраната сака да ја толкува содржината на Дејтонскиот договор.
Судијата продолжението на судскиот процес го закажа за 28-ми август.