САД целосно го поддржуваат високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, потврди во средата американскиот помошник државен секретар Џејмс О’Брајан, реагирајќи на одлуката на Шмит да воведе технички измени во изборниот закон на БиХ.
Високиот функционер на Стејт департментот во објава на својот официјален профил на социјалната мрежа Х истакна дека Вашингтон го поддржува и правото на високиот претставник да користи т.н. бонски овластувања кои му даваат право да наметнува закони и да разрешува избрани функционери.
„Овие технички промени беа направени со цел да се подобри интегритетот на изборниот процес, што е потребно за квалитетно демократско владеење на земјата“, рече О’Брајан, коментирајќи ги измените во изборниот закон на БиХ што Шмит ги наметна во вторникот. .
Овие промени, за кои политичките партии во БиХ неуспешно преговараа со години, сега воведуваат нови технологии за следење на регуларноста на изборниот процес, како што се скенирање гласачки ливчиња, електронска идентификација на гласачите и деполитизирање на локалните изборни комисии чии членови беа именувани од политичките партии до сега.
Според одлуката на Шмит, учеството на изборите во Босна и Херцеговина отсега ќе биде забрането за лица кои биле законски осудени за воени злосторства. Сите овие измени треба да се применат веќе од локалните избори најавени за октомври.
Наметнувањето на овие измени го поздрави и амбасадата на Велика Британија во Босна и Херцеговина, а Европската унија реагираше со соопштение во кое се наведува дека извршните овластувања на високиот претставник треба да се користат „исклучиво како последно средство против непоправливи незаконски дејствија“.
„Високиот претставник ја има нашата целосна поддршка за акција насочена кон обезбедување посилен (изборен) интегритет што го бараат граѓаните и политичките партии“, се вели во изјавата на британскиот амбасадор Џулијан Рајли.
Во многу повнимателно формулиран текст, ЕУ јасно го поддржа и Шмит бидејќи парламентот на БиХ не донесе навремено соодветни законски решенија, кои треба да стапат на сила веќе за изборите во октомври.
Тие ги повикаа политичарите во Босна и Херцеговина конечно да преземат одговорност за спроведувањето на реформите на кои се обврзаа, бидејќи сигурно е дека без ова ќе продолжи „високото ниво на меѓународен надзор“, што е спротивно на европската перспектива на Босна и Херцеговина.
На крајот, ЕУ ги повика политичарите во БиХ да се однесуваат одговорно и да покажат „воздржаност“ во наредниот период, што е очигледна порака до лидерот на босанските Срби, Милорад Додик и неговите колеги кои одбиваат да ги прифатат одлуките на Шмит и се закануваат дека ќе донесат закон со кој Република Српска ќе спроведе независно избори. Додик, кој има поддршка од Русија и Кина, упорно го оспорува мандатот на Шмит, поради тоа што за неговото назначување не е применета вообичаената практика да се разговара на Советот за безбедност при ОН