БиХ со црн рекорд во епидемијата – над 50 починати и над 1.800 новозаразени, нема возачи за брзата помош

Во Босна и Херцеговина во петокот се потврдени повеќе од 1.800 нови случаи на инфекција со новиот коронавирус, а дури 54 луѓе починале како последица од компликациите предизвикани од заболувањето Covid-19 во последните 24 часа, додека медицинските установи во земјата се соочуваат не само со недостигот од лекари, туку и со немање возачи за амбулантните возила.

Од четвртокот биле тестирани повеќе од 4.500 примероци, што е најмногу во еден ден од избувнувањето на епидемијата во март, а заразата е потврдена кај 1.297 лица од Федерацијата БиХ и кај 589 луѓе од ентитетот Република Српска. Во Федерацијата БиХ е пријавен 31 а во Република Српска 23 смртни исходи, со што е достигнат рекорден број починати во текот на 24 часа.

Според бројот на новозаразените во последното деноноќие, предничи Бања Лука со 204 нови случаи на заразата, а следи Мостар со 173 новозаразени, и Бијељина со 145 случаи.

Засега не е познато колку точно новозаразени има во Сараево во последните 24 часа, кое досега беше најголемото жариште на епидемијата, бидејќи кризниот штаб во оваа жупанија во петокот ги објави кумулативните податоци за изминатите четири дена, во кои се наведени вкупно нови 507 заразени лица. Целосно децентрализираниот начин на следење на заразата, каков што има во дел на БиХ, значително го отежнува собирањето на целосните информации за вистинската состојба во земјата, бидејќи податоците пристигнуваат стхијно и се обработуваат со значително задоцнување.

Од медицинските установи во Сараево испраќаат сѐ посериозни предупредувања, не само за недостигот од лекари, туку и за недостиг од друг медицински персонал неоходен за функционирање на здравствениот систем. Портпааролот на институцијата Здравствен дом на Сараево, Арман Шаркиќ, потврдил за медиумите дека, покрај другото, голем број возачи се на боледување или во изолација, па нема кој да ги вози амбулантните возила.

„Возачите се изложени на огромен ризик, бидејќи немаме соодветни возила. Се случува возилото на влезот во Клиничкиот центар во Сараево да стои и по час или час и половина, а возачот е во мал простор со заразен пациент. Инфекцијата е неизбежна“, изјавил Шаркиќ за локалните медиуми. Додал дека веројатно ќе бидат принудени да бараат помош од возачите во градскиот сообраќај или од приватна транспортна компанија.

Епидемиологот од Институтот за јавно здравство во Република Српска, Јелена Џаковиќ Девиќ, изјавила во петокот на прес-конференција дека состојбата во овој ентитет е многу сериозна, особено поради тоа што болниците одвај се справуваат со сѐ поголемиот прилив на пациентите.

„Она што нѐ загрижува е големиот притисок врз болничкиот систем, има многу повеќе приеми на пациенти отколку отпуштања и тоа е она што нѐ загрижува и од што стравувавме со зголемувањето на забоелните на дневна основа“, рекла Џаковиќ Девиќ.

Промени на подобро за болничкиот сектор, како што појаснила, не може да се очекуваат сѐ додека се бележат сегашните бројки на новазаразени на дневно ниво.