Бил Гејтс донира 20 милијарди долари на својата добротворна фондација

Коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, донира 20 милијарди долари на добротворната фондација што ја води со поранешната сопруга Мелинда Френч Гејтс за да ги зголеми годишните исплати.
Донацијата ќе ѝ помогне на Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, една од најголемите приватни добротворни фондации во светот, да го зголеми своето годишно донирање за 50 отсто на 9 милијарди долари до 2026 година, напиша тој во средата на својот блог.
„Големите кризи на нашето време бараат сите да направиме повеќе“, напиша Гејтс, меѓу другото, мислејќи на пандемијата на ковид19, војната во Украина и климатските промени.
Тој додаде дека сложените последици од кризите, кои вклучуваат зголемување на инфлацијата, ја зголемија потребата за поголеми инвестиции во областите на главниот фокус на фондацијата како што се здравството, образованието, родовата еднаквост и намалувањето на сиромаштијата.
Со ова донацијата на организацијата се зголемува на околу 70 милијарди долари, што ја  вклучува донацијата од 3,1 милијарди долари од Ворен Бафет минатиот месец.