Жулиет Бинош пристигна во Битола вчера доцна во попладневните часови. Француската актерка доаѓа во ек на светска промоција на филмот Облаците на Силс Марија, при што минатата недела беше на фестивалот во Торонто.
Целото време досега поминато во Македонија е добро расположена, ведра, непосредна и опуштена. Престојува во специјалниот апартман на хотелот „Епинал“. Oскаровката, која периодов снима четири филмови, за време на престојот во Македонија, посака да ги види античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, но и балканскиот Ерусалим – Охрид. На Бинош исклучително ѝ се допаѓа природата во Македонија, но е восхитена од античките и од средновековните локалитети.
Во текот на денешната екскурзија во Охрид ги разгледа црквата „Св Богородица Перивлепта“, Канео и Плаошник. Во галеријата на икони во музејскиот комплекс на црквата „Св. Богородица Перивлепта“, Жулиет Бинош, која е сестран уметник, и самата слика, остана цел час и беше толку восхитена што се задржа многу повеќе од предвиденото.
„Ова се вистински ремек дела!“, рече Бинош воодушевено.
Таа, за време на својот престој во Македонија, сака сè да види и сè да вкуси. По излетот во Охрид, се враќа насмеана и расположена. Вчера вечер, иако изморена од патот, опуштено седеше на терасата на „Епинал“, на
вечерата на која беа и оскаровецот Крис Менџис со сопругата и дел од тимот на фестивалот. Познатата актерка побара да проба македонски специјалитети, кои многу ѝ допаднаа.
Таа го особено го пофалила гравчето, јадеше мезиња, пити и други македонски традиционални јадења, проба и ракија за која рече дека ја освежила по долгото патување. На излетот во Охрид, Бинош е комотно облечена, а за цело време е без шминка. Затоа нејзиниот ПР тим не дозволува таа да се фотографира пред да дојде на црвениот килим.
Јавниот разговор со неа е во недела од 11 часот во малата сала на Центарот за култура
во Битола. Настанот ќе го модерираат Лабина Митевска и Жарко Кујунџиски.