Биографии на министрите што ги предложи премиерот Заев

Откако долго време се најавуваше, конечно во неделата предлогот за реконструкција на Владата на премиерот Зоран Заев стаса во Собрание, каде што за новите министри ќе пратениците ќе гласаат во среда. Секако, предмет на дискусии на седницата ќе биде соодветноста на предложените за извршвуање на должностите на кои се предлагаат, а со тоа и биографиите на новите функционери.

Премиерот Зоран Заев се предложи себе си за министер за финансии, а досегашниот министер Драган Тевдовски, ќе му биде советник. Во биографијата на премиерот, покрај професионалната кариера, пишува и дека израснал во „скромно, земјоделско и традиционално“ семејство и оти од рана возраст бил вклучен во семејниот земјоделски бизнис.

За досегашниот пратеник од владејчкото мнозинство Горан Милевски, челник на Либерално-демократската партија (ЛДП), кој ќе го преземе министерството за локална самоуправа пишува дека пред да стане пратеник, бил професор по економски предмети во економското училиште „Јане Сандански“ во Битола, а од познавања му се наведени MS Office и Internet, а од странски јазик наведено е дека зборува англиски.

Хусни Исмаили, пак, е предлогот на Алтернатива за да го преземе Министерството за култура. Тој по професија е доктор по медицински науки, а пред да стане доцент на универзитетот во Тетово, тој бил професор во тамошното средно медицинско училиште. Од јазици покрај мајчиниот албански, му се наведени и странските – македонскиот, турскиот, англискиот, босанскиот. Од културните активности, пак, му пишува дека бил уредник на книга, организатор на првиот саем на книгата на приватните албански издавачки куќи, уредник на радио драми и на 90 радио емисии од областа на културата, уредник и раководитен на 80 телевизиски документарни програми на албански јазик и еден од основачите на издавачката куќа „Логос А“. Во неговата биографија се наведени и бројни научни трудови од областа на медицината.

Нов министер за животна средина и екологија ќе биде Насер Нуредини кој се школувал за меѓународен бизнис во Австрија, Германија и Велика Британија. Во графата за течно зборување кај Нуредини се наведени: албански, англиски, германски и италијански јазик, додека во графата само „зборува“ го пишува: македонскиот и српско-хрватскиот јазик.

Садула Дураку ќе прави ротација од министерството за животна среднина во новото Министерство за политички системи. Покрај политичките функции, во работно искуство му се наведени и вработувањата во две средни училишта во Куманово. Од технологија пишува дека ги познава: Microsoft Word, Microsoft Exel, Microsoft Power Point, Microsoft Outlook и Internet Explorer. За други особини му пишува дека има солидни менаџмент особини, способен е за работа во група и за работа под стрес, како и комуникативен.

Во министерството за земјоделство треба да биде назначен Трајан Димковски, кој досега беше шеф на кабинет на неговиот претходник, Љупчо Николовски. Тој покрај работата во министерството, има искуство и работа во Управни одбори и здруженија од областа на земјоделството.