Бислимоски: Либерализацијата на пазарот на струја ги намали сметките

Либерализацијата на пазарот на електрична енергија оди добро и сѐ повеќе мали комерцијални потрошувачи го напуштаат регулираниот пазар и го користат правото со кое се стекнаа од 1 јануари годинава, пишува Вечер.

Како што објасни петседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски нивните вкупни трошоци за цената на електричната енергија која ја плаќаат на слободниот пазар се пониски за 32,4 проценти.

-Тоа се податоците што ги имаме заклучно со јуни, а потрошувачите што ја плаќаа таканаречената индустриска струја која чинеше околу 150 евра за мегават час или околу девет денари за киловат час сега плаќаат помалку. Односно нивниот трошок е намален за повеќе од 32 проценти и верувам дека тој тренд ќе продолжи и натаму- вели Бислимоски пред почетокот на вчерашната подготвителна седница на РКЕ и дополни дека тоа покажува дека процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија во земјава е успешен, особено за малите и комерцијалните потрошувачи.

На домаќинствата, според него, во овој момент не им одговара цената на регионалниот пазар на електрична енергија за да излезат на слободниот пазар.

– Цената не струјата на регионалниот пазар во овој момент е околу 65 евра за мегават час, односно околу четири денари за киловат час. Кога на цената од четири денари за киловат час ќе се додаде трошокот за мрежарина, дистрибуција и пренос, кој е фиксен и изнесува околу два денара, вкупниот трошок би бил приближно шест денари за киловат час. Во овој момент цената која ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар е 4,5 до 4,6 денари за киловат час, а за да им биде исплатливо да излезат на слободниот пазар цената на регионалниот пазар треба да биде околу 2,5 денари за киловат час, рече Бислимоски.

Според него кога ќе се создадат услови, самите снабдувачи ќе им понудат соодветни пакети на домаќинствата за да ги натераат да излезат на слободниот пазар.