Бислимоски: Не очекувам било какви проблеми во енергетскиот сектор при евентуален втор бран на Ковид-19

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски во вторник ќе претседава со Состанокот на бордот регулатори на Енергетската заедница (ЕЗ) во чиј фокус ќе бидат начинот на кој регулаторните тела во земјите членки на ЕЗ се справиле со кризата предизвикана од коронавирусот, како и продлабочувањето на соработката помеѓу регулаторните тела во регионот и начинот на формирање на заеднички пазари на електрична енергија и на природен гас. По тој повод МИА направи интервју со претседателот на РКЕ.

Во вторник во Атина треба да се одржи 45.Состанок на бордот регулатори на Енергетската заедница со кој треба да претседавате Вие. Дали ќе патувате во Атина или состанокот ќе се одржи онлајн поради проблемите со коронавирусот?

-Имајќи ја во предвид состојбата со коронавирусот овој состанок ќе биде прва средба на Бордот на регулаторни тела во рамки на ЕЗ која ќе се одржи онлајн и ќе биде прв состанок кој јас ќе го претседавам како новоизбран претседател на Бордот на регулаторни тела на ЕЗ.

Верувам дека тоа ќе биде ново искуство и за мене како претседател на Бордот на регулаторни тела, но исто така и за Енергетската заедница за еден нов начин на функционирање на Бордот на регулаторни тела во рамки на ЕЗ. Очекувам оваа пракса, доколку има потреба и по стивнувањето на оваа криза, дека ќе можеме да ја реализираме и во наредните години.

Зошто токму Вие сте избрани да претседавате со состанокот и дали тоа е некој вид признание за земјава за успешно спроведените реформи во енергетиката?

-Бордот на регулаторни тела во рамките на ЕЗ е една од институциите која функционира во Енергетската заедница и претседателот на овој Борд се избира еднаш во две години. Тоа не е ротирачко претседателство од секоја земја, туку секој претседател на регулаторно тело има право да се кандидира. Јас бев единствен кандидат во декември минатата година и бев избран едногласно од сите 10 земји членки на ЕЗ, вклучувајќи го и гласот на Европската комисија.

Тоа, пред се, претставува статисфакција за мене лично, но и за Регулаторната комисија за енергетика којашто во 2018 и во 2019 година е регулаторна комисија за енергетика која е на прво место во рамките на извештаите кои ги прави ЕЗ.

Особено ми причинува задовослство тоа што го истакна директорот на ЕЗ господинот Јанез Копач, дека мене на некој начин ме гледаат како нивен кадар, бидејќи јас учествувам во работата на работните групи во рамките на Бордот на регулаторни тела од 2005 година. Им претставува задоволство што човек кој започнал со работа во разни работни групи и поминал многу обуки што ги организирала ЕЗ да стане и претседател на Бордот на регулаторни тела во рамки на Енергетската заедница.

На што ќе биде фокусиран состанокот во Атина?

-Вообичаено на секој состанок секоја земја и секое регулаторно тело ја кажува состојбата во својата земја што се случува. Имајќи ја во предвид ситуацијата со КОВИД-19, она на што најмногу ќе обрнеме  внимание ќе биде начинот на кој регулаторните тела во земјите членки на ЕЗ се справиле со оваа кризна ситуација. Тоа е добро бидејќи ние и непосредно имавме комуникација помеѓу себе со сите претседатели на регулаторните тела да видиме кои мерки ги преземало секое регулаторно тело. Сигурно можеме да нучиме повеќе од искуствата кои ги имаат во другите земји и тие добри искуства можеме да ги примениме и во нашата земја ,имајќи во предвид дека е очигледно оти оваа ситуација со коронавирусот ќе потрае и во наредниот период.

Ќе се фокусираме и на активностите кои ги има преземено Работната група за потрошувачи во рамките на Бордот на регулаторни тела и пред  се на соработката што ја имаме како ЕЦРБ со МЕДРЕК, односно здруженијата на регулаторни тела од земји кои излегуваат на Медитеранот. Во изминатиот период имаме извонредно блиска комуникација со овие земји и ќе можеме да видиме какви се последните случувања во тие земји и тоа не само од аспект на КОВИД, туку и од начинот на функционирањето на нивните пазари и заедничката комуникација.

Исто така, ќе обрнеме особено внимание на таканаречениот „РЕМИТ” – регулатива којашто се однесува на мониторирање на пазарите на електрична енергија и на природен гас во земјите-членки на ЕЗ. При тоа ќе го користиме и искуството на земјите-членки во Европската Унија, имајќи во предвид дека на овие состаноци покрај земјите-членки на ЕЗ учествуваат и претставници од Европската комисија и од Организацијата на регулаторни тела во рамките на ЕК (АЦЕР), а редовно учествуваат и претставници од регулаторните тела на Австрија, Италија, Унгарија, Грција, а во последно време доста активна во рамките на ЕЗ е и Бугарија.

Најмогу ќе се фокусираме на продлабочување на соработката помеѓу регулаторните тела во регионот и начинот на формирање на заеднички пазари на електрична енергија и на природен гас, имајќи  во предвид дека сите ние земји кои сме таму ќе станеме и земји-членки на Европската Унија и со тоа ќе станеме и дел од паневропскиот пазар и на електрична енергија и на природен гас.

Дали енергетскиот сектор се покажа како отпорен на пандемијата со КОВИД-19?

-Енергетскиот сектор во целост се покажа како стабилен. Сите гледаме дека немаше никакви нарушувања во снабдувањето со електрична енергија, приороден гас и со топлинска енергија. Во првиот период имавме одредени проблеми со ливидноста на снабдувачите пред се со електрична енергија, имајќи ја во предвид паниката која настана кај потрошувачите и уплавот да излезат надвор и да ги покриваат сметките.

Анализите кои ги имаме за март покажуваат околу 30 отстотно намалување на приходите кои ги собирале од ЕВН Хоум споредени со минатата  година, но како изминуваше кризата и пред се подобрувањето на начинот на кој се однесуваа потрошувачите проблемот со ликвидноста е далеку подобрен и сега немаме проблеми. Карактеристично е дека има одреден мал пад на потрошувачката на електрична енергија, бидејќи голем дел на комерцијалните објекти беа затворени што се одрази на  намалено производство на електрична енергија на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) заради толкавите потреби.

ЕСМ има проблем бидејќи во овој период не можеа да ги продаваат вишоците на електрична енергија и доколку во минатата 2019 година во првиот квартал имаа приходи од осум милиони евра во 2020 година тие немаат никакви приходи во овој дел. Карактеристично е што и цените на регионалниот пазар на електрична енергија  во овој изминат период се намалија поради што и немаше никаква логика ЕСМ да продава вишоци на електрична енергија, туку ги сочуваа на одлично ниво акумулациите и во моментот кога ќе се создадат услови и ќе се зголемат цените на регионалниот пазар на електрична енергија ЕСМ повторно ќе може да продава вишоци на електрична енергија на слободниот пазар.

Значи, имаме намалени приходи на ЕСМ и кај МЕПСО во однос на таканаречените приходи од прекугранични преносни капацитети поради тоа што реално имамвме намалена потрошувачка и немаше задушувања во системот. Тоа отприлика изнесува 7-8 милиони евра на годишно ниво.

Каква е позицијата на Регулаторната комисија за енергетика по првиот бран на пандемијата во однос на спроведување на реформите?

-РКЕ во изминатиот период работеше со намален интензитет во смисла на доаѓање на вработени на работа во регулаторното тело, но сите обврски кои ги имавме и сите планирани активности навреме ги завршивме. Се што имавме како обврска што произлегува од новиот Закон за енергетика и одредни подзаконски акти кои требаше да ги одобриме ги изреализиравме.

Конечно ги одобривме и мрежните правила за дистрибуција со топлинска енергија со кои цената за приклучокот по инсталиран  киловат ја намаливме за околу 30 проценти и сега е пониска за околу 1.200 денари. Со тоа даваме сигнал до новите инвеститори кои градат згради да се приклучуваат на системот за топлинска енергија.

Исто така, донесовме и една многу битна одлука согласно Законот за енергетика со која и препорачавме на Владата да го номинира МЕМО за национален маркет опреатор на пазарот „ден однапред”. Тоа е еден од првичните услови за понатаму овој наш оператор да продолжи со соединување со Бугарската берза. Нашата земја и Бугарија ќе бидат првите земји во регионот кои ги соединиле овие организирани пазари на електрична енергија „ден однапред” и „во текот на денот”. Нашата интенција е понатака кон овој наш заеднички пазар со Бугарија да се приклучат и Косово, Албанија и Црна Гора, а подоцна и останатите земји од регионот.

Дали евентуалниот втор бран на пандемијата, што се најавува за есенва, може да предизвика проблеми во функционирањето на енергетскиот систем во земјава во пресрет на идната грејна сезона?

-Не очекувам дека ќе има било какви проблеми, бидејќи веќе имаме искуство и ние како Регулаторна комисија за енергетика и она што е особено битно и компниите веќе знаат како да се организираат и како да функционираат во вакви кризни услови иако кога започна првиот бран немаа искуство во вој дел. Со самиот факт што немамвме прекини во снабдувањето со електрична енергија и во производството на топлинска енергија сигурен сум дека компаниите, имајќи го во предвид исксуството од првиот бран, и доколку, не дај Боже дојде до втор бран, уште подобро ќе бидат организирани. (МИА)