Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, на денешната прес-конференција, запрашан за големите трошоци прикажани од страна на Балкан Енерџи Груп, тој одговори кратко дека во моментов е покрената постапка за одземање на сите три лиценци на компанијата.
– Во тек е одземање на сите три лиценци и толку имам да кажам. Во моментот кога ќе ги одземеме лиценците, ќе ја информираме Владата. Таа треба потоа да распише тендери, рече Бислимовски пред новинарите и додаде дека нема да има ладни радијатори ниту еден ден.
Претходно, медиумите објавија дека во прашање е одземањето на само едната лиценца – онаа за производство, но со новиот момент кој го обзнанува првиот регулатор, ќе бидат одземени и оние за дистрибуција и снабдување.
– Моја препорака е да се укинат сите три дејности и да има само една лиценца, како во поголемите градови во Хрватска и Србија, и Владата да си ја превземе оваа енергетска дејност, додаде Бислимовски.