Битиќи: Ако МЖСПП оцени дека не е можно спроведувањето на проектот ХЕЦ „Чебрен“, нема да се спроведе

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека одлуката за поволен понудувач за ХЕЦ „Чебрен“ е донесена од Владата врз основа на извештај од Комисија и ако има одредени жалби тие се доставуваат до таа Комисија и до Министерството за животна средина и просторно планирање, како задолжено за овој проект.

На прашањето, дали ќе оди на состанок во МЖСПП за „Чебрен“ и дали има можност да пропадне проектот после жалбата од грчката фирма, Битиќи изјави дека нема да се спроведе проектот ако процедурално ова министерство оцени дека не е возможно спроведување.

-Ако има таква одлука како што кажувате, јас немам слушнато дека е возможно, ќе дојдат на Влада да реферираат. Секогаш, за секоја добра иницијатива, велиме дека ни се одзема можност, а не гледаме дека тоа е можност за развој, изјави тој.

– Ако МЖСПП оцени дека не е возможно спроведување на проектот, нема да се спроведе, но сметам дека за државата е важно денес да се направат вистинските одлуки и директно да влијаеме за она што го слушнавме во демографските проекции – да донесеме храбри одлуки кои ќе ги убедат сите кои живеат тука, дека овде имаат можност да продолжат квалитетно да живеат, рече Битиќи на промоцијата на проекции за населението во државава на Државниот завод за статистика.