Битиќи: Не е вистина дека Владата му должи на ЈСП, одговорноста е кај директорот и Град Скопје

„Жалам за состојбата во ЈСП и неможноста Град Скопје да испорача обврска кон вработените, а тие пaк кон граѓаните. Не е вистина дека Владата должи. Сите обврски на Владата или на МОН, врз основа на извршени услуги за транспорт на ученици или студенти, се подмирени, парите се префрлени. Тоа што некој толкува законски решенија без да ја праша Владата, тоа не се обврски. Услугата на ЈСП се дава кон сите скопски општини и одговорноста мора да се побара во управата на претпријатието, но и во раководсвото на Град Скопје“ -изјави вицепремиерот за економија, Фамир Битиќи, во магазинот „Клик плус“ на ТВ 21.

Во врска со ситауцијата со Македонски пошти, тој рече дека сите јавни претпријатија кои не се во можност да испорачаат услуги кон граѓаните, се соочуваат со финансиски проблеми.

„Ние се обидуваме да напоравиме реструктурирање на Пошта, имавме нова систематизација за да ги намалиме расходите, со тоа сакавме да направиме рационален кадар, но сепак тој процес ќе биде подолгорочен. Јас не сум склон кон продажба или приватизација, може да се оди со јавно- приватно партнерство, но сепак клучно е да се постави добар менаџмент. Кога вие ќе добиете пратка од Скопје во Скопје за 6-7 дена значи дека нешто не е во ред“, одговори Битиќи.

Тој објсани дека сите капацитети за производство на електрична енергија се во погон, а проблем се застарените капацитети.

„Кога во држава имате олд-тајмер кој што е предвиден да вози по одредена километража затоа што е произведен 40 години претходно, вие што и да му направите, тој не може повеќе да извози од брзината што му е дадена“, рече Битиќи, додавајќи дека најдобриот блок во РЕК Битола бил произведен во 80-тите години од минатиот век.

Во врска со увозот на гас за топлинска енергија, Битиќи посочи дека благодарение на разговорите со Бугарија ќе се обезбеди одредена количина на гас.

„Првиот успех е дека после низа години Бугарија ослободи дел од капацитетот за транспорт на гас, од гасоводот преку Бугарија, што ни дава алтернативи на обезбедување, не само од Газпром“, вели Битиќи.