Вицепремиерот Фатмир Битиќи синоќа во емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат истакна дека во 2022 година сите антикризни мерки се во вредност од 760 милиони евра и тоа економските, не сметајќи го плаќањето на електрична енергија.
-Секој граѓанин оваа година е субвенциониран со 6.800 денари, или секое домаќинство добива субвенција од 21.000 денари за обезбедување на електрична енергија на реулираниот пазар, соопшти Битиќи.
Битиќи истакна дека и малите компании се субвенционирани со до 100 проценти за електрична енергија.
-За малите компании коишто се на регулираниот пазар, договорена е цена од 250/260, но таа на берзите се искачи до 500 евра. Значи разликата е 100% субвенција, нагласи Битиќи, додавајќи дека со ова бизнисите добиваат предвидливост и стабилност, односно предвидлива цена и сигурност дека ќе има електрична енергија, што е клучно за развојот.
Во врска со навременоста на мерките, тој посочи дека и во 2020 година во ковид кризата имало мислења дека мерките се задоцнети, за потоа ММФ и СБ кажаа дека поради мерките немало толкав пад на БДП, дека спасиле 80.000 работни места итн.
Битиќи истакна дека во оваа кризна година странските инвестиции изнесуваат 528 милиони евра, и во последните 10 години биле повисоки само во 2018 година.
-Во 2020 година имаше 70 договори за државна помош, а оваа година тој број се искачи на 620. Годинава ќе бидат исплатени 30 милиони евра државна помош за компаниите кои почнале инвестициски цикус, од кои 97% се домашни, а најголем дел се од преработувачкиот сектор, нагласи Битиќи, додавајќи дека сите индустриски зони се отворени, усогласени се условите за поддршка на домашните и странските компании, општински зони се поддржани, пазарот за електрична енергија е отворен, целосно либерализиран за да инвестираат компаниите.
Државата е увозно зависна од електрична енергија, што е последица на 30 години невнимавање на овој сектор, 35 отсто струја е од увоз и тоа е едно од клучните фактори за инфлацијата, истакна тој, додавајќи дека за истата количина на струја лани се платени 800 милиони евра, а годинава 2 милијарди.
-Шест месеци слушавме дека струјата е клучниот фактор за зголемување на цените во прехранбениот сектор, за жал гледаме дека намалувањето не е вистина, кога имате увозно зависна економија, кога суровините доаѓаат од надвор не можете да кажете дека електричната енергија е клучниот фактор. Ние го направивме тоа што требаше да се направи, сега на ред е стопанството, порача потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи во емисијата „Економски магазин“.