По Клиничката болница во Штип и Клиничката болница во Битола ќе стане регионален центар, односно ќе ги зајакне капацитетите за повеќе специјалности, како дел од новиот сет мерки кои вчера ги најави министерот за здравство Никола Тодоров.
-Во изминативе шест месеци од битолскиот регион кон скопските клиники и градската општа болница се креирани 1.204 упати и дополнителни 207 упати. Станува збор за четири специјалности: гастроентерохепатологија, ревматологија, офталмологија и пулмологија, изјави министерот Тодоров.
По извршената анализа утврдено е дека е потребно зајакнување во следниве специјалности:
– Реорганизирање на пулмолошката дејност во клиничката болница во Битола со искористување на капацитетите во Одделот за пнеумофтизиологија за пружање на целосни дијагностички и тераписки услуги, зајакнување на дејноста со уште двајца специјалисти од интерното одделение, и реименување на одделот во Оддел за пулмологија.
-Зајакнување на одделението за офталмологија.
-Зајакнување на одделението за ревматологија .
-Унапредување на одделението за гастроентерохепатологија.
-Првата мерка која ја преземаме е формирање одделение за пулмологија со оглед на тоа дека постои преклопување во дејноста на интерното одделение во клиничката болница и Одделот за пнеумофтизиологија во однос на белодробната патологија. За таа цел, веќе е извршена посета на Клиничката болница во Битола од директорката на Универзитетската клиника за пулмологија, и директорката на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, кои извршија стручен увид во оваа дејност во болницата, така што мерките кои понатаму ќе ги преземаме се базираат на нивните препораки, информира Тодоров.
Покрај тоа, со цел доусовршување на вештините и знаењата, од септември ќе почне едукацијата на двајца доктори-специјалисти од интерното одделение и 6 доктори кои работат на одделот за пнеумофтизиологија. Едукацијата би се спроведувала во времетраење од 1 до 2 месеца, во рамки на Клиниката за пулмологија и Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.
-Дополнително, на долг рок ќе го зајакнеме кадарот со две супспецијализации во областа на пулмологија, во рамки на Програмата за специјализации и супспецијализации на Министерството за здравство, додаде Тодорв.
Имено, ова е значајна новина за клиничката болница, имајќи предвид дека ќе се унапреди третманот на белодробните заболувања, а тенденцијата е да се редуцира упатувањето кон скопските клиники.
-Со цел да го подигнеме нивото на квалитет на здравствените услуги во областа на пулмологијата, ќе почнеме постапка за набавка гасен анализатор, апарат за ехо-дијагностика на белите дробови и бронхоскоп, информира министерот и додаде дека одделението за пулмологија ќе функционира во рамки на постојниот простор на одделението за пнеумофтизиологија, со одредена просторна распределба на амбулантскиот дел со кабинетите, лабораторијата, како и на болничкиот дел.
Втора мерка која ќе биде превземана а е со цел зајакнување на одделението за гастроентерохепатологија е обезбедување две супспецијализации од оваа област во рамки на Програмата на Министерството за здравство.
-Едната супспецијализација е веќе обезбедена со Програмата за 2015 година, а веќе е во тек постапката за дополнување на Програмата со уште една супспецијализација. За таа цел, ќе биде изготвена и посебна Програма за супспецијализација во соработка со катедрите на Медицински факултет. Како што споменав, станува збор за специјалност на која се однесуваат дел од упатувањата кон скопските клиники, и токму поради тоа се фокусираме на унапредување на капацитетите за гастроентерохепатологија во битолската болница, подвлече Тодорв.
Во областа на ревматологија на долг рок ќе го зајакнеме капацитетот со уште една супспецијализација, додека на краток рок се креирани поголем број термини за прегледи. На овој начин, се намали времето на чекање во оваа специјалност, што секако се одразува врз степенот на задоволство од здравствената услуга кај пациентите.
-Исто така, го зајакнуваме капацитетот на оваа одделение со проектот Дисперзирана клиника, во рамки на кој почнувајќи од следната недела, секој втор петок во месецот специјалист-ревматолог од друга установа ќе работи со пациенти во битолската болница, информира Тодоров.
Во делот на офталмологија фокусот ќе биде ставен на унапредување на хируршкиот третман во битолската болница. Предвидено е да се спроведе едукацијата на докторите, во времетраење од 1 до 2 месеца, која првенствено ќе биде фокусирана на третман на глауком (покачен притисок на окото).
-Поголем дел од опремата која е потребна за третман е веќе обезбедена во болницата, а во меѓувреме ќе се направи проценка дали е потребно да се набави и дополнителна опрема. Очекувам дека воведувањето на оваа мерка ќе значи големо олеснување и за самите пациенти, и за Клиниката за очни болести. Дополнително, со проектот Дисперзирана клиника, специјалист-офталмолог од друга установа почнувајќи од следната недела, по два пати во месецот (секој втор петок) ќе работи со пациентите во оваа болница, изјави тој.
Во периодот кој следи, Министерството за здравство ќе продолжи со зајакнување на специјалностите во клиничките болници, со цел регионална концентрација на здравствените услуги.