Битолска aпелација не ја прифати гаранцијата на браќата Усеини

Нефи Усеини, советникот во охридскиот градски совет и неговиот брат остануваат во притвор откако Апелацискиот суд во Битола ја прифати жалбата на Обвинителство кое се жалеше на одлуката на охридскиот суд да ја прифати гаранцијата од 30 илјади евра на осомничените за да излезат од притвор.

Од битолска апелација соопштија дека е укинато првостепеното решение и е вратено на повторно одлучување во основниот суд бидејќи сметаат дека охридскиот суд не дал јасни причини да ја оправда одлуката со која е прифатена гаранцијата за нивно ослободување од притвор.

Осумдневниот притвор на браќата Усеини им истекува утре и обвинителството може да побара негово продолжување, но само ако дотогаш поднесе обвинение. Во спротивно, тие ќе излезат од притвор.

Охридскиот советник од ДУИ и неговиот брат се осомничени за напад врз нивниот сограѓанин Спирко Топалоски по две кривични дела – насилство и недозволено држење оружје.

По пријавата, браќата Усеини една недела не беа недостапни за полицијата, по што на 26 август сами се пријавија во охридскиот затвор.

Случајот во меѓувреме доби и друг тек, откако Топалоски го смени исказот и тврдеше дека написите во јавноста се извадени од контекст. Топалоски во новата изјава вели дека во расправијата не видел оружје, дека се работи за недоразбирање кое е надминато и дека Усеини бил и ќе биде негов пријател.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.