Продолжува инфраструктурната изградба на новата населба на Златен рид, активностите се одвиваат според предвидениот интензитет, а оваа градежна сезона се очекува завршување на најголемиот дел инфраструктурни проекти, предвидени за овој дел на градот.
„Овде правиме комплетно нова инфраструктура. Трасираната патека која треба да биде пристап до парцелите кои се продадени, спред деталниот урбанистички план на општината, треба да им овозможи на нашите инвеститори пристап до објектите, како и почеток на изградба на објектите. До крајот на оваа сезона, верувам дека ова ќе го завршиме. Конкретно, денеска овде имавме минирање на делот кој што е карпест, каде што КЈП Нискоградба треба да постави фекална канализација. Но, исто како и во долниот дел и овде, потребно е да се постави атмосферската канализација, водоводна мрежа, електрификација, ќе се асфалтира и ќе заживее и овој дел кој беше и во градот, но и малку на периферија“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.
За досегашните активности во поранешната касарна, општина Битола од сопствениот буџет има издвоено 2 милиони евра, како и позајмица од 1,5 милиони евра.
„Сега сме во завршна фаза во АРМ 1. До крајот на овој месец четирите улици во АРМ 1 ќе бидат завршени во должина од 1300 метри. Тоа значи дека, ГП Гранит го покриваше делот на атмосферската канализација, водоводот, улиците, уличното осветлување, а Нискоградба беше задолжена за изградба на фекалната канализација. Во АРМ 2 имаме 1300 метри, тука се 3 улици, сосема нови улици, на сосема нов терен со трасирање на сообраќајниците и комплетна инфраструктура, а Нискоградба е носител на изградбата на фекалната канализација. Моментално се поставуваат приклучоци за вода и канализација и за идните парцели кои не се продадени“, изјави Венцо Шишкин, координатор на проектот.