Бизнис центар отворен во Вардарскиот плански регион

Заменикот министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов, денеска во Велес го означи почетокот на функционирањето на Бизнис центарот во Вардарскиот плански регион. Ова е осмиот Бизнис центар, со што се воспоставени Бизнис центри во сите плански региони.

Бизнис центарот ќе работи во состав на постојниот Центар за развој на планскиот регион и ќе обезбедува поддршка на приватниот сектор, пред се на малите и средни претпријатија, како и на потенцијалните инвеститори.

-На задоволство на јавниот и на бизнис секторот, од денеска и во Вардарскиот плански регион воспоставуваме институционално партнерство. Локалните власти, со поддршка на Министерството за локална самоуправа широко ги отвораат вратите за потенцијалните инвеститори, но и за бизнис заедницата која што веќе работи и придонесува за развојот на регионот, рече Пренџов.

Бизнис центрите ќе понудат  Е – водичи за инвеститори, Мапи на индустриски зони во планските региони, интерактивни ВЕБ портали  на кои што ќе можат да се најдат сите важни информации за потенцијалите на планските региони, можностите за инвестирање, условите што ги нудат индустриските зони, сите субјекти кои што можат да им бидат логистика на инвеститорите како и потенцијални партнери како што се стопанските комори, универзитетите и граѓанскиот сектор.

Заменикот министер Пренџов ја истакна и можноста за финансирање на регионални проекти  од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка.

– Министерството за локална самоуправа го отвори  јавниот повик за проекти за прекугранична соработка со Бугарија. Ќе следуваат јавните повици и за Програмите со Грција, Бугарија, Албанија и со Косово. Во периодот до 2020 година Министерството за локална самоуправа ќе управува со околу 100 милиони евра наменети за проекти за прекугранична соработка, чии корисници можат да бидат општините и Центрите за развој, додаде Пренџов.

Заменикот министер Пренџов нагласи дека политика на Министерството за локална самоуправа е континуирано да се зголемуваат средствата за финансирање на проекти за регионален развој, како резултат на што буџетските средства за оваа намена за идната година се планира да бидат дуплирани.