Новиот проект за гасификакција на скопскиот регион, кој беше најавен вчера, според бизнис заедницата ќе има повеќекратно значење како за стопанството, така и за домаќинствата.
„Во Сојузот на стопански комори на Македонија сме сигурни дека на овој начин ќе имаме поевтин енергенс кој ќе се должи на поголемиот обем, односно количина на гас кој ќе биде користен во државата, а исто така ќе се обезбеди и подолгорочна енегетска стабилност бидејќи ќе имаме и други алтернативни извори за енергија“, изјави извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија Митко Алексов.
Потенцира дека од аспект на стопанството значаен е инфраструктурниот дел кој ќе почне да се реализира и каде ќе бидат вклучени компании од градежниот сектор и од останатите 25 сектори кои учествуваат во овие проекти заедно со градежниот.
Според Алексов, заштедата ќе биде индивидуална од компанија до компанија, а најголема ќе биде кај поголемите потрошувачи од металниот сектор и преработувачите на храна.
Очекува да се намали и цената со зголемување на количината на гас што ќе се троши и инфраструктурата која треба да се изгради.
Гасификацијата, како што рече Алексов, ќе придонесе за поголема рентабилност и поголема продуктивност во работењето на компаниите и нивна поголема конкурентност на пазарот со поевтини финални производи.