Бизнисмените бараат да се вклучат во измените на Законот за финансиска дисциплина

Бизнис секторот бара да биде вклучен во процесот на измените на Законот за финансиска дисциплина со сите досегашни нотирани недостатоци, меѓу кои повластената положба во рокот на исплатата на обврските кај државните субјекти во однос на условите со кои се соочува бизнис заедницата, недоволните капацитети на инспекцискиот надзор кој сега ќе се промени во делот на надлежностите, како и ефектите врз исполнувањето на договорите.
Ова се дел од заклучоците, што денеска се нотираа на инфо сесијата во Штип на тема „Закон за финансиска дисциплина и исполнување на договори”.

Во Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива се вклучени четирите најактивни стопански комори во земјата: Сојуз на стопански комори на Македонија, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Стопанска комора на северозападна Македонија со цел да се подобри бизнис регулативата.
Павлина Димовска правен советник на проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива вели дека мора да се обезбеди правна заштита, како и владеење на правото.
-Врз тие принципи може да се подобри бизнис климата во земјава. Законот за финансиска дисципплина во кој би биле вклучени барањата на приватниот сектор за олеснување на наплата на долговите и правилна имплементација од страна на државните органи согласно европските пракси би добиле многу поголема ефикасност, вели Димовска.
Според некои експерти сегашното законско решение предизвикува нерамноправна положба на компаниите на пазарот на труд. За тоа најмногу придонесува фактот дека кога должат на државата, нејзините институции, за да си го наплатат долгот веднаш ги блокираат сметките на компаниите, но тие за своите пари чекаат и со години.