Благ раст на берзите во Европа, пад во Азија

На повеќето европски берзи цените на акциите пораснаа во понеделникот во претпладнето, но тргувањето беше претпазливо бидејќи инвеститорите го следеа развојот на настаните на Блискиот исток.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,2 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабна за 0,40 отсто, на 7.965 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,52 отсто, на 18.026 поени, а париски CAC за 0,46 отсто, на 8.050 поени.

А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 0,5 отсто во истиот пресек од тргувањето како и во Европа, губејќи ја добивката од минатата седмица. Претпладнево на токиската берза индексот Nikkei се лизна за околу 0,7 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 0,4 и 0,6 отсто. Во Шангај, пак, се зголемија за повеќе од 1 процент.

Силниот пораст на цените на акциите во Шангај е благодарение на новите правила воведени од кинеските пазарни власти за да се зголеми безбедноста на инвеститорите.

Останатите берзи, пак, го следат падот на Волстрит од петокот, кога инвеститорите беа разочарани од кварталните деловни резултати на неколку големи американски банки.

Дополнително, инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции бидејќи се појасно е дека поради зголемената инфлација во САД, тамошната централна банка ќе ги држи каматните стапки на покачени нивоа подолг период од очекуваното.

Инвеститорите не сакаат да ризикуваат поради тензиите на БлискиотиИсток, откако Иран во саботата вечерта лансираше серија беспилотни летала кон израелска територија. Засега не се очекува натамошна ескалација на конфликтот, со оглед на тоа што Техеран порача дека: „Иранскиот напад со беспилотно летало е одговор на израелската агресија врз иранскиот конзулат во Дамаск и оваа работа може да се смета за затворена“.