Благ раст на индексите во Европa, пад на азиските берзи

Цените на акциите благо пораснаа на европските берзи во претпазливото тргување во четвртокот претпладнето, додека азиските пазари паднаа по објавувањето на деловните резултати од технолошкиот гигант „Nvidia“.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпалдневниот пресек од тргувањето порасна за 0,1 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,01 отсто, на 8.345 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,21 отсто, на 18.820 поени, а париски CAC за 0,26 отсто, на 7.597 поени.

А на азиските берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа беше во минус за 0,5 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,3 и 1,1 отсто. Во Хонгконг, пак, пораснаа за 0,3 отсто.

Азиските пазари го следеа падот на американските термински (фјучерси) индекси, откако најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција „Nvidia“ ги објави деловните резултати. Компанија рано утрото по европско време извести дека во изминатиот квартал остварила приходи од 30 милијарди долари, околу 120 отсто повеќе од истиот период лани, додека нејзиниот профит достигна 16,6 милијарди долари, околу 10 милијарди повеќе од лани.

Иако ова беа подобри резултати отколку што очекуваа аналитичарите, цената на акцијата на „Nvidia“ падна за околу 7 отсто по објавувањето на извештајот. Се чини дека инвеститорите се надеваа на уште подобри резултати.

Поради тоа, американските фјучерси на берзанските индекси моментално се во минус, што покажува дека цените на акциите би можеле да паднат на почетокот на тргувањето на Волстрит во четврток. Терминскиот индекс S&P 500 моментално е во минус за околу 0,5, а Nasdaq е во минус околу 0,9 отсто.

Последните години „Nvidia“ стана синоним за еуфоријата создадена околу развојот на вештачката интелигенција. Поради силниот раст на побарувачката за чипови со вештачка интелигенција, „Nvidia“ забележа годишен раст на приходите од повеќе од 200 отсто, додека, се разбира, силно порасна и заработката на компанијата.

Како резултат на тоа, цената на акциите на „Nvidia“ се зголеми за речиси 3.000 проценти од 2019 година. Само од почетокот на оваа година цената на „Nvidia“ се зголеми за околу 150 отсто, откако минатата година забележа пораст од 240 отсто. Според тоа, пазарната вредност на компанијата достигна 3.200 милијарди долари, па заедно со „Apple“ моментално е најголемата светска компанија по пазарна капитализација.

„На некој начин, ‘Nvidia’ стана жртва на сопствениот успех. Оваа година цената на акциите ѝ порасна за 150 отсто, а компанијата ги надмина очекувањата на аналитичарите во 14 од последните 15 квартали. Останува да видиме дали денешните резултати се сигнал дека доаѓа крајот на инвеститорската еуфорија во однос на оваа акција. Реакцијата по објавувањето на резултатите покажува дека можеби е време да се префрлат дел од парите од ‘Nvidia’ на акциите на некои други производители на чипови“, вели Тони Сајкамор, аналитичар во IG.