Благодарен сум на помошта од сојузниците во откривањето на случаи на корупција, но некои работи ќе мораме сами да ги истераме до крај, вели Филков

Министерот за правда Игор Филков е благодарен на помошта од сојузниците во откривањето на случаи на корупција, но смета дека претстои надлежните институции во наредниов период до крај да ја завршат својата работа.

-Јас сум благодарен на нашите партнери што ни помагаат во процесите, но некои работи ќе мораме сами да ги истераме до крај. Во периодот што следи да видиме што ќе се случува, да не брзаме со заклучоци, вели Филков прашан зошто од македонските надлежни институции нема истраги за корупција за Груби и судијата Беџети дека сториле корупција, а во САД веќе процениле дека има.

На дополнителното прашање  зошто  македонските институции не можеле да ги откријат и гонат за сторена корупција лицата кои се на „црната листа“ во САД за кои процениле дека кај нив има дејства на корупција, Филков смета дека се потребни усогласувања.

-Јас не би рекол дека не можат. Тоа значи дека ние имаме многу пред нас за усогласување. Така да почекаме да видиме што ќе се случи, вели Филков.

Во однос на реформата на Судскиот совет, тој најави дека се работи на измените, за кои досега се одржани три расправи. Претстои уште една следната недела, по што ќе ги сумираат работите и од Министерството ќе излезат со конкретен предлог.

За тоа до каде се измените на Кривичниот законик, кои уште летоска ги најави со кои треба да се спречат негативните последици од измените што беа направени, а со кои застареа токму делата, кои се поврзани со ставњето на Груби и Беџети на „црната листа“, Филков очекува да бидат завршени до крајот на годинава.

-Се надевам дека до Нова година ќе завршиме, по што ќе излеземе на прес-конференција и ќе ги презентираме, рече министерот за правда, Филков кој не кажа што ќе содржат измените.

Американската амбасадорка Анџела Агелер, вчера на прес-конфереција по проширување на „црната листа“ на Стејт департментот на САД со имињата на Артан Груби и Енвер Беџети, порача дека САД ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, и оти се надева дека судството и структурите за спроведување на законот во Северна Македонија ќе го сторат истото.

Таа додаде дека доказите на кои се базира ваквата одлука, не се споделуваат со македонските власти, поради прашања поврзани со приватноста, но ниту, пак треба, бидејќи, вели, доказите кои Вашингтон ги разгледува, што ние успеавме да ги собереме, како тука во земјава, така и во Вашингтон, се широко достапни.

Стејт департментот на Соединетите Американски Држави воведе санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението од понеделникот, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.

Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.