Блажевски и Богдановски без посериозен успех на Светскиот куп во Москва

Блажевски го заврши настапот на Светскиот куп во Москва без Б-олимписка норма

Блажевски за шест стотинки не оствари Б-олимписка норма и на 200 метри мешано, откако патеката ја мина за 2:04,45 и заврши на 11. место во конкуренција на 17 пливачи. Тоа е речиси една секунда послабо од државниот рекорд во негова сопственост, а подобро од времето постигнато на СП во Казан – 2:04,79 минути. Најдобро време во оваа квалификациска трка имаше Филип Хајнц од Германија – 1:59,19 минути.

На 200 слободно, Блажевски заврши како 23-ти меѓу 30 пливачи, со време 1:53,36 минути, што е далеку подобро од резултатот со кој беше пријавен, 1:54,26 минути, што покажува дека на ова делница во мешаниот стил има простор за напредок. Најдобро време на оваа квалификацикса трка оствари Французинот Лорис Бурели 1:48,42 минути.

Блажевски вчера настапи и на 400 мешано, каде што го освои 5. место во конкуренција на самошест пливачи со резултат 4:28,64 минути, повеќе од три секунди послабо отколку на Мундијалот во Казан. Блажевски таму оствари Б-олимписка норма во оваа дисциплина.

И Богдановски ги заврши настапите на овој Светски куп со пласман на 13. место во трката на 100 слободно, со резултат од 56,92 секунди, што е осум десетинки послабо од државниот рекорд што го постигна пред една недела во Казан. На оваа патека настапија 28 пливачки, а најдобро време имаше Унгарката Катинка Хосу – 55, 18 секунди.

Првиот митинг од серијата во рамките на новоформираниот Светски куп на 50-метарски базени завршува попладнево, со финалните трки. Наредниот ќе се плива во Париз.