Американскиот државен секретар Антони Блинкен размислува за средба со најависокиот кинески дипломат Ванг Ји на безбедносната конференција во Минхен што почнува оваа седмица, што ќе биде нивна прва средба откако САД соборија кинески балон за кој Вашингтон твдрди дека бил шпионски што Пекинг категорично го отфрла.
На почетокот на овој месец, Блинкен го одложи планираното патување во Пекинг поради, како што рече, неприфатливото кршење на американскиот суверенитет и воздушниот простор од кинески балон за надзор кој беше соборен од амеркански борбен авион близина на брегот на Јужна Каролина на 4-ти февруари. Американската војска соопшти дека потоа соборила уште три неидентификувани објекти кои летале над Северна Америка.
Влегувањето на балонот во воздушниот простор на САД предизвика незадоволство во Вашингтон, каде политичарите ја критикуваа војската и претседателот Џо Бајден дека не го собориле балонот веднаш штом се појавил, како и дека го откриле дури откако ја прелетал целата територија на САД и бил забележан од млад астроном аматер во близина на воена база во која се чиваат 150 проектили со нуклеарни боеви глави.
Сепак, се појавија и прашања за тоа кога двете земји, и двете желни да воспостават стабилност во турбулентните односи, би можеле да одржат средба на високо ниво.
Американски функционер, кој сакал да остане анонимен, изјавил за Reuters дека е можна средба меѓу Блинкен и Ванг на конференција во Минхен од 17-ти до 19-ти февруари. Друг извор рекол дека тоа е можно, но сè уште ништо не е потврдено.
Официјални лица и аналитичари велат дека состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 во Индија во март би можел да биде уште една можност, каде што се очекуваат Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг.
На прес-конференцијата што ја одржа со своите јапонски и јужнокорејски колеги, заменичката на државниот секретар на САД, Венди Шерман, рече дека не може да објави можна средба меѓу Блинкен и Ванг Ји во Минхен, но не ја исклучува можноста.
„Како што постојано вели државниот секретар Блинкен, и како што рече Ванг Ји – како што сите ѝ кажаа на Кина – ние сме отворени за дијалог кога тоа е во наш интерес и веруваме дека сега се вистиснките услови за тоа“, рече таа.