Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и американскиот министер за одбрана Лојд Остин допатувале во Киев и разговараат со украинскиот претседател Владимир Зеленски, објави во неделата доцна ноќта на социјалните мрежи советникот на украинскиот претседател.
„Американците (Блинкен и Остин) денеска се во Киев. Во овој момент разговараат со претседателот“, објави на YouTube Алексеј Арестович.
Претходно телевизијата Украина-24 објави за пристигнувањето во украинската престолнина на шефовите на Стејт департментот и на Пентагон и за почетокот на нивната средба со претседателот на земјата, како што објави во саботата Зеленски на прес-конференцијата во киевската подземна железница.
Тоа е првата средба на Зеленски со претставници на американската администрација на територијата на Украина од почетокот на руската офанзива на 24-ти февруари.
„Пријателството и соработката меѓу Украина и САД се посилни од кога и да е“, објави на Twitter претседателот Зеленски без да наведе други поединости.
Украина сака САД да бидат еден од гарантите на безбедноста и нејзината заштита од идни закани, рече Зеленски во саботата најавувајќи го доаѓањето на американските функционери.
Зеленски, исто така, сака САД да влијаат врз Германија да испорача тешко и офанзивно вооружување во Украина.
Киев од Вашингтон очекува „конкретни резултати“, вклучително и договор за испорака на повеќе оружје, иако американската воена помош за Украина во изминатите три-четири месеци надмина три милијарди долари. Арестович на YouTube повтори дека Киев бара да „му се испорачува офанзивно оружје“.
„Сѐ додека не бидеме подготвени за противнапад, секој ден ќе се случуваат ‘нови Бучи’. Американските претставници не би доаѓале тука да не се подготвени да дадат оружје“, оцени Арестович.
Арестович во неделата ноќта предупреди дека „одбранбените линии“ секој момент ќе паднат во Мариопол, стратешки важниот јужен пристанишен и индустриски центар кој целосно го контолираат две седмици руските и проруските сили, освен последното добро утврдено засолнитеште во металуршкиот комбинат „Азовстал“. Таму во подземните бункери се кријат 2.500 борци на украинската војска, на украинската Национална гарда формирана од паравоените формации на екстремните десничарски групации и странски платеници, а тврдат и дека има околу илјади цивили меѓу кои и деца.
Русија одговори дека се повторува практиката на украинските сили цивилите да ги земаат како „жив штит“ и порача украинската команда да им овозможи безбедно да се излезат и да бидат евакуирани.