Блинкен: Можната саботажа на Северен тек не е во ничиј интерес

Првичните податоци укажуваат на можен чин на саботажа или напад на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, и ако е така тоа не е во ничиј интерес, изјави во вторникот американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Шефот на американската дипломатија на заедничката прес-конференција со индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаиншанкар по разговорите во Стејт департментот бише прашан за коментар за инцидентите со руските гасоводи во Балтичкото Море.

„Се спроведува истрага за истекувањата (на гасот), првичните извештаи покажуваат дека тоа може да е резултат на напад или чин на саботажа. Но тоа се првични извештаи, а сѐ уште немаме потврда. Но доколку се потврди, тогаш тоа очигледно не е во ничиј интерес. Колку што разбрав, истекувањето нема да има значително влијание врз енергетската сигурност на Европа“, изјави Блинкен.

Претходно во вторникот Шведскиот сеизмографски институт соопшти дека биле регистрирани две подводни експлозии „веројатно предизвикани со детонации“ забележани се во близина на местото на истекување од гасоводите Северен тек 1 и 2 и се случиле кусо пред забележувањето на истекувањето.

Првата „голема емисија на енергија“ со магнитуда 1,9 забележана е ноќта од неделата кон понеделникот во 2,03 часот по локално време југоисточно од данскиот остров Борнхолм, а другата со магнитуда од 2,3 во 19,04 во понеделникот вечерта на североистокот од островот, изјави за шведската јавна телевизија STV, Петер Шмид, од Шведската национална сеизмографска мрежа.

„Толкуваме дека експлозиите најверојатно се предизвикаме од некоја форма на детонација. Со ослободување на толку голема енергија, не може да биде нешто друго туку експлозија којашто тоа го предизвикала. Ударите биле толку ненадејни“, вели Шмид сеизмолог од универзитетот во Упсала.

Независниот норвешки сеизмографски институт (Norsar) потврдил „помала експлозија“ во понеделникот рано утрото, и втора „посилна“ во понеделникот вечера. Без наведување некои податоци, се наведува дека се „верува дека биле намерни“.

„Тоа е голема експлозија. Тешко е да се оттргне од впечатокот дека тоа го сторил некој кој знае што прави“, изјавила за AFP директорката на Norsar, Ане Стремен Лике.

Три големи истекувања се регистрирани во понеделникот рано утрото во водите кај данскиот остров Бронхолм е видлива на површината со бранување на морето во радиус од 200 метри до километар.

Информациите за можни експлозии и саботажа дојдоа по ден и половина по забележување на истекувањето. Европската комисија изјави дека е прерано да се нагаѓа за причината за истекувањето на гасот во двата гасовода наменети за испорака на гасот од Русија во Европа. Кремљ истовремено не ја отфрли можноста дека оштетувањата на гасоводите Северен тек во Балтичкото Море се предизвикани со саботажа и изрази „крајна загриженост“. Киев, пак, надвор од секоја логика, бидејќи се работи за руски инвестиции преку кои Русија заработува на гасот, ја обвини Москва за „планиран терористички напад“.

Шведската полиција објави во вторникот доцна попладнето дека ја започната првата истрага за можен акт на саботажа поради истекувањето на гасот од двата цевковода, во шведските и данските територијални води.

Германскиот дневен весник Tagesspiegel објави дека додека губењето на притисокот во трите цевковода меѓу Русија и Германија сè уште официјално се истражува, Берлин повеќе не е убеден дека тоа е случајност и се сомнева дека е „насочен напад“ или од Украина или од Русија. Според весникот, германската влада и агенциите кои го истражуваат инцидентот „не можат да замислат сценарио кое не е насочен напад“.

Во написот се објаснува дека во намерниот напад на дното на морето мора да бидат вклучени специјални сили, морнарички нуркачи или подморница. Берлин, наводно, испитува две можни сценарија. Во првото Украина или „силите поврзани со Украина“ би можеле да стојат зад нападот. Втората опција е Русија да го направи тоа како „лажно знаме“, за да ја обвини Украина и да ги зголеми цените на енергијата во ЕУ.