Блинкен му ја пренел пораката на арапските соседи на Израел – одржете ги надежите во палестинска држава

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, во вторникот по средбата со арапските сојузници на Блискиот исток, на израелските челници им пренел дека неговите соговорници сакаат соработка со Израел, што е исто така долгорочна израелска цел, но само доколу го отворат патот за воспоставување остварлива палестинска држава.

Ова е четврта кризна посета на Блинкен на Блискиот исток од почетокот на војната во обид да ја запре војната во Појасот Газа, а доаѓаат еден ден по израелските напади врз Сирија и Либан, во кои загинаа високи членови на палестинскиот сунитски Хамас и либански шиитски Хезболах, движење кои во минатото дури и се судираа меѓусебно но ги обединува спротиставувањето на Израел особено по почетокот на последната израелско-палестинската војна од 7-ми октомври.

Блинкен рече дека ќе го сподели со израелските лидери она што го слушнал во текот на изминатите два дена од разговорите со лидерите на Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Саудиска Арабија.

Блинкен се состана со Нетанјаху а, исто така, ќе разговара и со сите членови на воениот кабинет формиран по незапаметениот според обемот, координираноста и бриталност напад на Хамас врз воени бази, населби, кибуци и музички фестивал во јужен Израел во кој загинаа 1.200 луѓе, од кои 900 цивили.

Хамас киднапираше 250 заложници тој ден, од кои 132 сѐ уште се во заложништво, според процените на Израел. Се претпоставува дека најмалку 25 од нив се убиени. Досега ниту една хуманитарна организација не можеше да ги посети заложниците, вклучително и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) и ниту една агенција на Обединетите нации.

Состаноците на американските дипломати ширум регионот се фокусираа на долгорочниот пристап кон седум деценискиот израелско-палестински конфликт, вклучително и патот до завршување на војната во Појасот Газа. По состанокот со арапските сојузници, Блинкон рече дека тие сакаат соработка со Израел, што е исто така долгорочна цел на Израел, но само доколку тоа вклучува „практичен пат“ до палестинска држава.

„Верувам дека тука се укажуваат реални можности. Но, мораме да го надминеме овој исклучително предизвикувачки момент и да се погрижиме 7-ми октомври никогаш да не се повтори и ќе работиме многу напорно за да изградиме поинаква и многу подобра иднина“, му рекол Блинкен на израелскиот колега по должностИзраел Кац.

По масакрот на Хамс, Израел започна сеопфатна офанзива на Појасот Газа, во која, според здравствените власти на енклавата, загинаа над 23.000 Палестинци, од кои најмалку третина се деца, а хуманитарната ситуација драстично се влошува.

Блинкен веќе изјави претходно дека ќе побара од Израел заштитата на цивилното население да биде „апсолутен императив“. Американскиот претседател Џо Бајден изјави синоќа дека Вашингтон „тивко“ врши притисок врз Израел да започне со повлекување на своите сили од Газа.

Израел, пак, возврати дека неговите сили во северниот дел на Газа сега се повеќе фокусирани на насочени операции, додека интензивните борби продолжуваат кон југот на енклавата. Военото крило на Хамас во понеделникот соопшти дека неговите борци истрелале ракети врз израелскиот град Тел Авив како одговор на, како што рече, „ционистичките масакри на цивили“.

Истиот ден, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека интензитетот на офанзивата во Газа ја покажува решеноста на неговата земја да ја уништи милитантната исламистичка група Хамас, која владее со енклавата, и да ги одврати потенцијалните проирански ривали, вклучително и Хезболах во Либан.

„Мојот фундаментален став е: ние се бориме со оска, а не само со еден непријател. Иран гради воена сила околу Израел за да ја искористи“, тврдеше Галант.

Во разговорите со арапските сојузници Блинкен рече дека „ова е момент на голема тензија во регионот, конфликт кој лесно може да метастазира и да предизвика уште поголема несигурност и страдање“.