Блинкен: Неодржливо е во притвор во Сирија да се држат 10.000 припадници на ИД

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска изјави дека е неодржлива ситуацијата 10.000 припадници на Исламската држава да останат во притвор во логорите што ги држат Сириските демократски сили (СДФ), предводени од Курдите.

Говорејќи на почетокот на состанокот во Рим за продолжување на меѓународните напори за борба против исламистичките милиции, Блинкен кажа дека Вашингтон продолжува да ги повикува земјите, вклучувајќи ги и 78-те земји-членки на коалицијата против Исламска држава, да ги земат назад своите граѓани кои се приклучиле на ИД.

-Оваа состојба е едноставно неодржлива. Не може да трае бесконечно. САД ги повикуваат земјите на потекло на исламистите, вклучувајќи ги и коалициските партнери, да ги вратат, рехабилитираат и, каде што е применливо, да ги гонат своите граѓани, рече Блинкен во отвореното обраќање.

„Друг клучен елемент на трајниот пораз на Исламската држава е потребата да се решат заканите на групата надвор од Ирак и Сирија, имено во Африка”, рече Блинкен.

Изворно сметана за филијала на Ал Каеда, Исламската држава од 2014 година освои големи делови на Ирак и Сирија, наметнувајќи владеење на теророт со јавно обезглавување и напади на приврзаници од странство.

Исламската држава беше прогласена за воено поразена во 2017 година, но оттогаш води постојан бунт низ делови на северен Ирак и порозната граница со соседна Сирија. Во последните месеци се извршени над 25 смртоносни напади, што ирачките власти им ги припишуваат на екстремистите од Исламска држава.