1.8 C
Skopje
сабота, декември 28, 2024

(ВИДЕО) Близу 2 милиони Французи протестираа, премиерот не попушта за пензиските реформи

На денешните протести во Франција според властите имало 615.000 демонстранти, а според синдикатите 1,8 милиони.

Премиерот на Франција, Едуард Филип изјави дека владината реформа на пензиите ќе доведе до „напредок и поголема социјална правда“, во време кога 13-ти ден по ред се одржуваат големи протести против реформите.

„Зад овој проект, создавање универзален пензиски систем, јас, мојата влада и повеќето сме целосно посветени“, изјави Филип пред парламентот.

Тој истакна дека сака да се обезбеди и финансиска одржливост на новиот систем, иако планираното покачување на минималната старосна граница за пензионирање ги извади на улиците и умерените синдикати, кои им се придружија на порадикалните.

Лоран Бергер, водач на умерената унија на ЦФДТ, рече дека се спротивставува на зголемувањето на возраста и сака „мерки за зајакнување на социјалната правда“, особено за работниците на работни места каде се физички исцрпени.

Филип Мартинез од радикалниот синдикат ЦГТ, воедно и организатор на штрајкот, рече дека протестите треба да бидат знак за владата: „Ако сите синдикати велат дека не го сакаат планот, тогаш треба да го преиспитаат“.

Денеска протестите продолжија и во градовите низ Франција. Локалните медиуми пишуваат за штрајкови и протести и во Лион, Марсеј, Бордо и Нант.

ЦГТ соопшти дека се надева оти повеќе луѓе ќе излезат на улиците отколку на 5 декември, пред да се приклучат другите синдикати. Тогаш имаше околу 806.000 демонстранти на улиците.

Премиерот Филип ги пофали луѓето што работат и покрај штрајкот во, велејќи дека „огромен број Французи ја покажуваат својата посветеност на идејата за работа“.