Денеска од 12:30 до 14 часот во Скопје ќе бидат блокирани Владата и Министерството за надворешни работи со протестот што го организира ВМРО-ДПМНЕ поради случувањата со Бугарија и тајните преговори.
Опозициската партија претходно побара од премиерот Зоран Заев да објави што преговараат тајно во Софија. Одговор не беше добиен, па поради тоа е закажано денешното протестно блокирање на овие институции.
Блокадата се организира под мотото: „Оставка на Заев, слобода на народот. Протест сега за да не биде предоцна“.
Блокадата нема да го попречува движењето на возилата на брза помош, како и на другите работи кои мора итно да се извршуваат.
Блокадите ги најави синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање до народот преку социјалните мрежи:
„Ова се историски моменти. Ова се моменти кога се одлучува и за иднината на македонскиот народ, македонската нација и македонската држава. Ова се моменти кога се потврдува тезата дека договори потпишани набрзина, не само што не се
решение туку напротив самите по себе претставуваат проблем за иднината на Македонија во рамките на ЕУ. Тоа за жал не успеа да го види Зоран Заев и денеска наместо решение истото тоа претставува проблем. Само политички аматер може да потпише договор во кој што критериум за напредокот на Македонија и нејзината интеграција во рамките на ЕУ ќе бидат лингвистичките проблеми и проблемите со историјата.
Само политички аматер може во една таква подредена состојба да ја донесе сопствената држава, сопствениот народ и сопствената нација. Затоа ве повикувам масовно без разлика на политичката припадност, без разлика на верската и етничката припадност, почнувајќи од 12:30 завршувајќи во 14 часот да се приклучиме на протестите кои што се натпартиски, обединувачки и гласно да зборуваме. Гласно да зборуваме против овие погрешни политики на Владата на СДСМ предводена од Зоран Заев. Ја користам оваа прилика, истовремено, да се извинам на моите сограѓани скопјани за можеби сообраќајниот метеж кој што ќе се случува во текот на утрешниот ден. Ве молам имајте разбирање за сето ова кое што денеска го правиме затоа што ако денеска не успееме се плашам дека некои идни генерации ќе имаат можност грешката која што денеска ќе ја направи Зоран Заев и СДСМ ќе имаат можност да ја поправат.
А до политичарите, сакам една порака да упатам. Немојте да се дрзнете да го чепкате македонскиот идентитет, македонскиот јазик, посебност, македонската историја, традиција, обичаи. Немојте да се дрзнете и да помислите и да се откажете од македонското малцинство кај нашиот источен сосед затоа што таа хартија која што вие ќе ја потпишете е безвредна. Следната Влада која што ќе биде Влада на единство, истото тоа парче хартија нема намера да го почитува, истакна Мицкоски.