Bo 99-та година од животот умре двојниот британско-советски шпион Џорџ Блејк

Легендарниот советски разузнавач, поранешен офицер на британската разузнавачка служба MI6, почина во 99-та година од животот, соопшти во саботата портпаролот на руската Служба за надворешно разузнавање (СВР), Сергеј Иванов.

„За него се напишани книги, снимени се филмови. Во разузнавањето беше многу почитуван и ценет. Самиот на шега велеше ‘Јас сум странски автомобил кој се прилагоди на руските патишта … ‘ Сега овој автомобил го заврши своето речиси еден век возење“, се наведува во официјалното соопштение на СВР.

Славниот „крт“ шионирал за советската тајна служба КГБ на почетокот од Студената војна пред во 1950-те години да мине на Истокот и беше последниот од преживеаните од славната генерација бритнаски двојни агенти, кои пребегаа подоцна во СССР.

„Денеска умре легендарниот разузнавач Џорџ Блејк. Искрено ја сакаше нашата земја, им се восхитуваше на подвизите на нашиот народ во текот на Втората светска војна“, изјави потпаролот Иванов за медиумите.

Џорџ Блејк е роден на 11-ти ноември 1922 година во холандски Ротердам, а во 1942 година како член на отпорот во Холандија пребегнува во Англија. Во август 1944 година Блејк бил распореден во холандскиот оддел на британското разузнавање MI6.

Во 1948 година разузнавачот е назначен за резидент на MI6 во Сеул, со задача да прибира информации за тогашниот советски Далечен исток, Приморје, Сибир, Манџурија… Со избувнувањето на Корејската војна, Сеул е окупиран од војските на комунистичкиот водач Ким Ил Сунг, а Блејк како претставник на земја вклучена во воените дејствија бил интерниран во логор. Пролетта 1951 година преку корејски офицер, Блејк предал белешки во советската амбасада, во која предложил соработка и дал важни информации за британските специјални служби. Како што пишува подоцна, бил сведок на американските бомбардирања на цивилното население во Кореја.

По потпишувањето на примирјето на Корејскиот полуостров во 1953 година се вратил во Лондон и ја продолжил работата во седиштето на MI6. Од Блејк протекувале разузнавачки белешки за министерството за одбрана и податоци за нивото до коешто Британците и Американците имаат увид во воените тајни на СССР. Врз основа на информациите на Блејк, советското надворешно разузнавње во 1956 година извело операција во којашто „случајно“ е откриен подземниот тунел за пребези од источен во западен Берлин, воспоставен од американските и британските разузнавачки служби до комуникациските линии на Групата советски сили во источна Германија. Таа операција своевремено имала голем политички ефект поради апсењата и елиминациите на стотици западни агенти, а и ден денес е тема често употребувана во филмската индустрија на Западот.

Блејк е уапсен во 1961 година и осуден на 42 години затвор, по предавството на полскиот двоен разузнавач Голеневски, кој на американската Централна разузнавачка агенција (CIA) ѝ дал информации за советскиот агент во британската MI6. По четири години минати во затворот, Блејк со помош на пријатели организирал бегство и во 1965 година преку Берлин допатувал во Москва.

Блејк бил потоа унапреден во чин полковник на советското надворешно разузнавање. Објави две книги со мемоарски записи „Нема друг избор“ и „Проѕирни ѕидови“. За неговите заслуги за обезбедувањето на безбедноста на поранешниот Советски сојуз, одликуван е со ордените на Ленин, Црвеното знаме, на Татковинската војна и други признанија.

Бронзениот портрет на Блејк е поставен на споменикот во чест на сите татковински разузнавачи, откриен во септември годинава во Москва пред седиштето на СВР.