Бочварски: Ќе има одговорност за пропустите и земените провизии за патиштата

Инфраструктурниот пустош што зад себе го остави неспособното и коруптивно работење на ВМРО-ДПМНЕ од ден на ден добива сѐ подраматични размери и затоа ќе има одоворност за промустите и земените провизии, обвини во саботата Благој Бочварски, потпретседател на СДСМ.

„По очигледните огромни пропусти на автопатoт Кичево – Охрид каде што само за еден тунел, поради пропусти во проектот, цената ќе се покачи од 29 на 89 милиони евра. Слични проблеми се јавуваат и во изведбата на експресниот пат Градско – Прилеп“, тврди Бочварски.

Според негов, постоеле „сериозни пропусти“ во делот на трасатa и проектната документација, непостоење или, пак, минимални геотехнички истражувања, како и појава на три досега неевидентирани археолошки локалитети поради кои е издадено решение за привремен прекин на работите.

„Ова е само уште една потврда за неспособноста, нестручноста и неодговорноста на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Брзајќи да ги земат договорените провизии за автопатите Никола Груевски и неговите соработници нанесоа огромни штети врз интересите на граѓаните и Буџетот“, рече Бочварски.

Обвини дека „коруптивното, нестручно и неодговорно владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, ја закочило изградбата на автопатите, ги изневерило очекувањата на граѓаните и го наруши угледот на Република Македонија.

„Затоа, мора да има одговорност за сите оние кои трошејќи ги народните пари преку земање провизии и криминални тендери, екстремно се богатеа на грбот на осиромашените граѓани. Ќе има одговорност и за сите пропусти на споменатите автопати, за сите земени провизии, за сите криминални тендери и за секое криминално богатење на поединци на сметка на граѓаните и државата“, порача Бочварски.

Рече дека владата предводена од СДСМ правела увид во фактичката состојба, ги санирала штетите и ќе сторела сѐ за проектираните автопати да се завршат квалитетно и навремено, без притоа да бидат загрозени интересите на граѓаните и државата.