Етничките Македонци од Пустец и цела Албанија, денеска, во селото Глобочани, Мала Преспа, за прв пат досега, организираа и спроведоа богата со содржини и масовна прослава на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, известува Веле Митаноски
Импозантниот Научен собир, беше во соорганизација на Македонското друштво “Сонце”, од Албанија, Универзитетот “Фан Ноли” од Корча, Албанија и Друштвото за литература и култура “Мацково” од Охрид, Македонија.
Учесниците на собирот ги пооздрави Васил Стерјоски, прв пратеник автохтон етнички Македонец во албанскиот парламент, претседател на политичка партија на Македонците – МАЕИ.
Пред паметникот на големиот писател, етнички Македонец, Стерјо Спасе, како и во Спомен – музејот “Стерјо Спасе”, се одржаа низа промоции на книги и поетски читања.
Централен дел беше промоцијата на капиталното дело “Хармониска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – Случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник” од професор д-р Мариа Дојче, истакната албанска интелектуалка.
Во Албанија, ова е прва вистинска социолошка студија за интеграција на дел од македонската заедница во албанското општество. Во овој контекст, оваа студија се фокусира на меѓусебните социо-културни влијанија меѓу Албанците и припадниците на македонската заедница во регионот на Корча.
„Жителите на македонската заедница носат културни вредности како што се толеранција, разбирање, соработка, образование, патриотизам, кои им помогнаа на овие жители да живеат успешно достоинствено меѓу двете култури. Во овој соживот се забележува истрајноста во одржувањето на кохерентноста на етничкото друштво, каде во секоја социо-културна ситуација овој етникум се јавува хомоген и со јасни идентитетски и културни контури“, пишува, мегу другото, професор др. Мариа Дојче .
Исто така, беше претставено литературното творештво на писателот Васил Шумка, по потекло од село Долна Горица, Општина Пустец, додека на 4 годишнината од неговата смрт, беше одбележан поменот и споменот за животот и делото на Спасе Мазенковски.
За творештвото на Мазенкоски говореше професор д-р Катерина Тодоровска од Институтот за национална историја во Скопје која нагласи дека Мазенковски познат поет, писател, новинар и публицист, по потекло од селото Леска, Општина Пустец, а, мегу другото, го уредуваше весникот “Мала Преспа”.
Специјален гостин на чествувањето на 24 мај, Денот на сесловенските просветители, беше познатиот хрватски поет и македонист – учесник на книжевни средби и добитник на врвни македонски признанија, Валерио Орлиќ.
Тој читаше свои стихови пред паметникот на Стерјо Спасе.
За таа прилика, од Тирана во Пустец, пристигнаа и говореа хрватскиот амбасадор во Албанија, Златко Крамариќ, заедно со амбасадорот на Северна Македонија, Данчо Марковаски.
Хрватскиот поет Орлиќ е на голема книжевна турнеја низ Хрватска, Македонија и Албанија. Од 28 мај ќе учествува на познатиот поетски фестивал во Корча – “Поетски вечери”.
Валерио Орлиќ е основач, сега почесен претседател, на Хрватското книжевно здружение.