Богатството на украинските олигарси се намалило за 20 милијарди долари

SERGEI SUPINSKY/AFP via Getty Images)

Севкупното богатство на најбогатите Украинци е намалено за повеќе од 20 милијарди долари во споредба со почетокот на февруари во 2022 година три седмици пред да започне руската инвазија во Украина, и сега изнесува 22,5 милијарди долари, објави во вторникот украинското издание на деловниот магазин Forbes.

Годинава, како што се наведува во извештајот на Forbes, биле проценувани финансиските позиции само првите дваесет најбогати Украинци. Нивното вкупно богатство се намалило за повеќе од 20 милијарди долари, споредено со почетокот на февруари годинава, на моменталните 22,5 милијарди долари, се наведува во написот.

Според ова рангирање, најбогат претприемач во Украина сѐ уште е челникот на рударско-металуршката корпорација „Метинвест“ и на холдингот ДТЕК, Ринат Ахметов. Неговото моментално богатство е проценето на 4,4 милијарди долари, додека во февруари годинава било проценето на речиси трипати повеќе на 13,7 милијарди долари.

На второто и третото место се рангирани претставниците на ИТ секторот, Максим Литвин и Олексиј Шевченко со проценети богатства од по 2,3 милијарди долари, додека во февруари и двајцата „тежеле“ по 4 милијарди долари.

Се намалило, од 2,6 на 2,2 милијарди долари и богатството олигархот Виктор Пинчук. Првата „петорка“ на најбогатите украински бизнисмени ја заокружува Константин Жеваго, косопственик на производителот на железна руда „Ферекспо“, кој ја контролира најголемата украинска финансиско-индустриска групација „Финансии и кредити“. Неговата финансиска состојба во моментов е проценета на 1,4 милијарди долари, наспроти 2,1 милијарди долари на почетокот од февруари.

Меѓу дваесетте најбогати Украинци е вброен и поранешниот украински претседател Петро Порошенко, порано сопственик на мрежа телевизиски канали и други медиуми но главно познат по својата кондиторска индустрија „Рошен“ чие богатство за изминатите десет месеци речиси се преполовило. Порошенко, кој сега е осомничен за велепредавство, на почетокот од февруари имал сопствености проценети на 1,6 милијарди долари, а сега на 730 милиони долари.

Севкупно, стручњаците на Forbes ја анализирале финансиската состојба на 129 украински бизнисмени кои изминатите две години биле вклучени во рејтинзите на најбогатите Украинци.