Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски денеска организираше свечен прием и им врачи награди на најдобрите припадници на СВР Куманово и на противпожарната единица.
Годинава на предлог на ТППЕ Куманово и на СВР Куманово за најдобар пожарникат е прогласен Никола Богдановски, а Аднан Бислими за најдобар полицаец.
– Во мое лично име и во име на граѓаните им се заблагодарувам за нивниот професионален ангажман. Имавме високо ниво на соработка со полицијата во градот, а дополнително и нашите пожарникари многу ревносно и професионално си ја извршуваа својата работа, рече Димитриевски.
Богдановски информираше дека шест години работи како пожарникар-спасител и изрази благодарност до колегите со кои соработува.
– Оваа 2024 беше предизвикувачка со голем број интервенции и пожари, рече Богдановски.
Бислими има 21 година работен стаж. И тој се заблагодари на поддршката од колегите и претпоставените.
– Многу е важно професионално да се извршува работата, рече Бислими.
Традиционално, најуспешните полицаец и пожарникар за 2024-та добија пригодни подароци од општина Куманово
Општина Куманово постојано вложува во ТППЕ Куманово, надлежните од општината најавија доопремување.
– Годинава ќе го дооформиме доброволното противпожарно друштво. Апелирам младите да се вклучат во волонтерските активности. Имавме можност да ја посетиме Австрија, Тирол и ги видовме нивните искуства и ако ги пренесеме овде ќе добиеме дополнителна логистичко техничка поддршка, сметам дека ќе ги засилиме капацитетите во делот на гасење на пожари на отворено, изјави Димитриевски.