Бохум по голема драма останува во Бундеслигата

Фудбалерите на Бохум за чудо успеаја да останат во Бундеслигата откако ја надополнија негативата од три гола од првиот натпревар во реваншот од баражот, а потоа со подобро изведување пенали ја совладаа Фортуна Диселдорф со 7:6.

За последното место во елитната класа на германскиот фудбал играа Бохум, кој ја заврши сезоната на 16. место во Бундеслигата и Фортуна, која беше трета во Бундеслига 2.

Откако Фортуна победи со 3:0 на првиот меч во Бохум, се чинеше дека тимот од Диселдорф повторно ќе игра во највисокото натпреварување по сезоната 2019/20. Сѐ беше подготвено за прославата во „Меркур Шпил“ арената каде се собраа 53.500 гледачи. Но, Бохум не се предаде иако веќе беше со едната нога во Бундеслига 2.

Гостите поведоа во 18. минута со голот на Филип Хофман, кој со глава погоди по центаршутот на Кевин Стогер. Истиот играч го постигна вториот гол во 66. минута. Стогер повторно нафрли, а Хофман со глава од непосредна близина го удвои водството на 2:0. Напаѓачот на Бохум на првиот меч си постигна автогол, но за возврат се искупи со два гола. Целосното враќање на гостите се случи во 70. минута откако домашниот дефанзивец Матијас Цимерман играше со рака, а судијата Дениз Ајеткин покажа на белата точка. Сигурен изведувач беше Стогер, кој постигна гол по двете асистенции.

Само четири минути подоцна Такума Асано имаше добра шанса и за четврти гол, но голманот на Фортуна, Флоријан Кастенмаер некако ја одби топката. До крајот на натпреварот немаше повеќе голови, па натпреварот отиде во продолженија. Во дополнителиот период ниту една екипа не сакаше да ризикува премногу, заморот си го направи своето, па на крајот пресудни беа пеналите.

Веќе во првата серија Бохум дојде до предност. Андреас Луте го одбрани ударот на Андреа Хофман, а на другата страна прецизен беше Гонкало Пасиенсија. Сепак, во третата серија Ерхан Машовиќ згреши, Кастенмаер одбрани, а Јаник Енгелхард израмни. Конечната одлука дојде во седмата серија. Макс Витек погоди за гостите за 7:6, а Такаши Учино го промаши голот.

Директен пласманво Бундеслигата избори Сент Паули и Холштајн Кил, додека Келн и Дармштад испаднаа од првата лига.