![bojan jovanovski boki-13 sudenje megjunaroden sojuz](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/02/bojan-jovanovski-boki-13-sudenje-megjunaroden-sojuz.jpg?resize=696%2C480&ssl=1)
Осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 за случајот „Рекет“ обвинувањата дека Кривичниот суд направил фалсификувано решение ги испрати до Судскиот совет од кој бара вонреден надзор и ревизија. Тој на членовите на Судскиот совет им посочува дека решението за прекин на казната кое се однесува на него е антидатирано во АКМИС-системот. Јовановски во дописот до Судски совет укажува зошто се сомнева на фалсификување и антидатирање.
„Сето наведено оди на моја штета како подносителот на барањето, особено на штета по мојот живот и здравје. При постапување од ваша страна барам по службен пат да ги прибавите комплет судските списи од предметот, исто така истакнувам и посебно барање да бидам повикан на јавна седница на Судскиот совет при одлучување по ова барање каде би можел пред вас да ги образложам наводите за сите незаконити и негативни дејствија сторени од страна на Основниот кривичен суд Скопје, како и да ја образложам основаноста на предметот на поставеното барање. Особено апелирам да не се изземе фактот дека оваа правна ситуација е со висок степен на јавен интерес, па оттука барам апсолутна транспарентност при постапувањето на поставеното барање до вас“, наведува Јовановски во барањето кое го достави и до јавноста.
Претходно, Јовановски испрати и документација до јавноста со цел да објасни како Кривичен суд фалсификувал решение. Објасни дека е цел на како што рече „невидена тортура“. Кривичен суд негираше и кажа дека Јовановски го злоупотребува името на покојниот судија Огнен Ставрев. На ова врати Јовановски кој кажа дека тие го злоупотребуваат покојниот судија. Вчера, од болничко лекување, Јовановски е вратен во затвор.