Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец се осомничени дека зеле 1,5 милиони евра за преку јавен обвинител врз кој имале влијание да ја олеснат положбата на лице кое е под истрага.
Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари.
Од ноември лани, до април годинава, првоосомничениот влијаел преку јавен обвинител да се олесни кривичниот прогон кон еден бизнисмен за кој се водела постапка. Од лицето на кое му помогнале во неколку наврати примиле еден ипол милиони евра како поткуп.
Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок. При овие средби, кажа Рускоска, биле побарани 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него, но откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.
Првосоомничениот се сомничи и за перење пари, што значи дека нелегално земените пари ги користел за лични задоволства, одмори, облека и друго.
Денеска беа приведени на информативен разговор Бојан Јовановски, неформален сопственик на 1 ТВ и Зоран Милевски, познат како Кичевец.
Обвинителството побара притвор за двајцата осомничени.