Донеодамнешниот бразилски десничарски претседател Жаир Болсонаро примен е во болница во Орландо во американската сојузна држава Флорида, поради болки во абдоменот, објави во понеделникот влијателниот бразилски дневен весник O Globo, ден откако неговите приврзаници упаднаа во трите главни институции на државната моќ во Бразилија кои не се согласуваат со тесната победа на неговиот левичарски ривал на изборите.
Болсонаро замина за Флорида непосредно пред крајот на минатата година, без да учествува на традиционалната церемонија на предавање на претседателската лента на левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва.
Болсонаро последните години повеќепати итно беше хоспитализиран поради блокади на црева, откако додека ја водеше кампањата за претседателските избори во 2018 година, беше нападнат со нож за време на изборен митинг во градот Жуиз-ди-Фору во државата Минас Жераис, околу еден месец пред гласањето. Оружјето ја оштетило мезентеричната артерија која обезбедува снабдување со крв во цревата, поради што во следните години на Болсонаро му беа извршени неколку операции.
Извор близок на семејството Болсонаро изјави дека состојбата на поранешниот претседател „не е загрижувачка“.
Илјадници приврзаници на Болсонаро во неделата упаднаа во Конгресот, Врховниот суд и Претседателскиот дворец и накусо ги запоседнаа барајќи поништување на изборите на кои и покрај претходните анкети Лула изненадувачки наместо од првиот круг во вториот круг извојува многу тесна победа. Поборниците на поранешниот претседател се сомневаат во веродостојноста на изборните резултати и ја проблематизираат сигурноста на електронскиот гласачки систем.
Американската телевизија CNN, повикувајќи се на бразилското министерство за здравство, пренесува дека во безредијата се повредени 70 луѓе.