Поранешниот бразилски крајно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада во Бразилија, само неколку дена откако федералната полиција му го одзеде пасошот и уапси двајца поранешни негови соработници под сомнение дека подготвувале државен удар.
Ова го изјави неговиот портпарол во понеделникот, откако The New York Times прв објави за престојот на Болсонаро во унгарската амбасада од 12-ти до 14-ти февруари, врз основа на снимките од безбедносните камери од внатрешноста на амбасадата кои му биле доставени на американскиот весник.
Веста покрена прашања за плановите на поранешниот претседател, бидејќи тој се соочува со повеќе криминални истраги во Бразил, а неколку негови најблиски соработници веќе се во затвор.
Бразилската полиција нема да може да уапси политичар кој престојува во странска амбасада, поради тоа што според меѓународните конвенции дипломатските мисии уживаат екстериторијалност.
Адвокатот на Болсонаро, Фабио Вајнгартен, на социјалните мрежи објави дека поранешниот претседател поминал два дена во унгарската амбасада за да „одржува контакт со претставници на пријателска земја и да се информира за политичката ситуација“. „Секое друго толкување е уште една лажна вест“, додаде тој.
Унгарската амбасада не одговорила веднаш на барањето на Reuters за коментар.
Но агенцијата потсетува дека Болсонаро има добри односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Неведува дека Болсонаро го нарече Орбан „брат“ за време на неговата посета на Унгарија во 2022 година, а двајцата се сретнаа и во Буенос Аирес на инаугурацијата на новиот десничарски претседател на Аргентина, Хавиер Милеи, на крајот од минатата година.
На 8-ми февруари, полицијата му го одзеде пасошот на Болсонаро и го обвини дека уредувал нацрт-указ за поништување на резултатите од изборите во 2022 година, вршејќи притисок врз воените лидери да се приклучат на обидот за државен удар и заговор за затворање на судија на Врховниот суд.
Минатата година бразилскиот суд пресуди дека Болсонаро нема право на политичка функција до 2030 година поради ширењето на изборните дезинформации за време на изборите во 2022 година.