Болтон ѝ порачал на Москва дека е попаметно да не се меша во изборите во САД

Советникот на Белата куќа за национална безбедност Џон Болтон во текот на својот дводневен престој во Москва на своите руски домаќини им порачал дека наводното мешање во американските избори не им се исплатело и тврди дека тоа е пораката за Кремљ: не се мешајте во американските избори.

Зборувајќи по средбата со рускиот претседател Владимир Путин, советникот Џон Болтон рекол дека нема никакви докази дека руското мешање на некаков начин влијаело на резултатот до претстедателските избори во 2016 година кога победи репуликанецот Доналд Трамп, но дека создало атмосфера на недоверба кон Русија.

„Она што го истакнав во денешните разговори со руските колеги е дека не мислам, што и да правеле во слисла на мешање во изборите во 2016-та, дека тоа имало неково влијание врз нив, но имаше ефект на создавањето голема недоверба кон Русија во САД“, изјави Болтон.

Истакна притоа дека Вашингтон е далеку од одлуката за распоредување ракети во Европа, без оглед на најавата за повлекување од Договорот за уништување и забрана на производството на проектили со кус и среден дострел познат по кратенката INF.

Болтон на прес-конференцијата изјави дека со Путин долго разговарал за овој договор и намерата на САД да истапат од него. Истакна дека денес постои нов стратешка реалност во која нуклеарните проектили не се повеќе билатерално пршање, бидејќи и Кина денес има проектили коишто би биле надвор од договорот INF од 1987 година, доколку Пекинг би бил дел од договорот. Најави и дека формалната нотификација за американското повлекување ќе биде објавена во догледно време.

Агенцијата AFP пренесува дека Болтон изразил задоволство од многу плодните разговори во Москва со руските високи функционери и со претседателот Путин.

„Во текот на двата последни дена водев низа многу сложени и плодни разговори“, изјави Болтон на прес-конференцијата по 90-минутниот разговор со рускиот претседател.

Болтон додаде дека разговорите биле насочени на прелиминарниот договор за средбата на Трамп и Путин по повод комеморацијата на завршувањето на Првата светска војна на 11-ти ноември во Париз, како и за Сириа, обвинувањата за наводното руско мешање во американските избори и контролата на вооружувањето.

Пред средбата со Путин, советникот на Трамп се состана со секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, како и со министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров. Болтон и Лавров разговарале, особено, за ситуацијата околу Сирија и во Авганистан, како и прашања за одржување на стратешката стабилност. На состанокот со Патрушев, соговорниците се осврнале на најразлични теми, од опциите за нов договор за проектилите, како и за обвиненијата против Русинката Елена Кусијанова за наводно мешање на изборите во САД.

Денеска американскиот политичар се состана со министерот за одбрана, Сергеј Шојгу. Руското министерството за одбрана ги оцени преговорите како „конструктивни“. Особено ја истакнува размената на мислења за стратешко офанзивно оружје, Договорот INF и безбедносните прашања на Блискиот исток.

Високиот претставник на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека разговорите биле „интересни“ и дека присуството на Болтон значи дека Вашингтон сака да го одржи дијалогот со Москва. „Мислам дека посетата на Болтон е знак дека администрацијата на Трамп е подготвена за дијалог. Ние ја имаме истата подготвеност и намера“, истакна советникот за надворешна политика на Путин.