„Бомбите“ на Русковска пред Апелацискиот суд, Атанасовски бара Хаг да го суди случајот „Организатори на 27-ми април“

Снимките во коишто се тврди дека се слуша гласот на обвинителката за организран криминал Вилма Русковска и се вели „Не го држев, два месеци го заборавив, го заборавив буквално.. го заборавив, намерно“, влегоа во судскиот процес за предметот „Организатори на 27 април“. Со нив, адвокатот на ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, бараше изземање на обвинителството од случајот, а предметот да биде предаден на постапување кај обвинителот на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, пренесува порталот А1.он.

„Со оглед дека имаме нов момент по поднесување на жалбата а се однесува на работата на јавното обвинителство, а знаеме дека јавното обвинителство работи врз основа на хиерархија, имаме докази кои ја бодат душата на секој правник, а ги добивме од свиркач неодамна, а се објавени во јавните медиумите, кои укажуваат на кој начин се водел овој предмет и како е можно едно лице да биде намерно ставано во притвор, заборавено и да му се врши деградација на неговата личноста, а тоа е нашиот штитеник, почитуваниот ексдиректор на УБК Владимир Атанасовски. Тука се доказите каде јавното обвинителство кажува дека намерно Атанасовски е ставен во
притвор и заборавен, а тоа кажува на нашите констатации во истрагата и во првостепената постапка дека се работи за политички конструиран предмет“, го цитира порталот Јордан Апостолски, адвокат на ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски кој бара укинување на првостепената пресуда за случајот.

Адвокатот Апостолски смета дека ако случајот го застапува Меѓународниот кривичен суд, одлуката која ќе ја донесе ќе биде правична.

„Поради овие причини, бараме прво изземање на вишото јавно обвинителство кое постапува во предметот, а бидејќи кажав дека се работи за орган кој работи врз основа на субординација и хиерархија, бидејќи се сомневаме дека учествува во сите овие незаконски дејствија. Бараме изземање на јавниот обвинител на Република Македонија. Дополнително бараме овој кривичен предмет да биде отстапен на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, бидејќи се работи за кривично дело кое спаѓа под негова надлежност. Тоа го бараме бидејќи нашиот клиент и сите обвие обвинети а и македонската јавност заслужува да се открие вистината за немилиот настан кој се случил на 27 април 2017 година. Тоа е само можност согласно и доколку се почитува правото на фер судење“, додава Атанасовски.

Јавната седница во Апелација се одржува со цел укинување на пресудата за предметот „Организатори на 27-ми април“. Снимките со
кои се бара изземање на обвинителството, никогаш не беа потврдени дека се автентични.

Русковска во изјава за „А1он“ кажа своевремено дека не знае дали тоа е нејзиниот глас.

Поранешните функционери Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски добија затворски казни од вкупно 25 години за организирање на настаните од 27-ми април 2017 година, кога се случи упадот во Собранието. Кривичниот суд во Скопје ги соопшти пресудите, со кои поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски е неправосилно осуден на шест ипол години затвор, екс-министрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски добија казна од шест години и три месеца затвор, додека поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски е осуден на шест години затвор за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.