Бонтон за жени: Правила на однесување што ве прават вистинска дама!

Што е она по што една дама се разликува од голем број други жени? Секако по однесувањето.

Ако се грижите што другите мислат за вас, многу е важно каков впечаток ќе оставите, особено ако некого за прв пат го запознавате. Затоа прочитајте ги овие правила на убавото однесување доколку сакате да ве сметаат за културна, воспитана и префинета дама.

Дали сте знаеле дека жената секогаш му пружа рака на мажот? Исто така, повозрасната личност секогаш ја нуди раката кон помладата, во обратен случај, се смета дека станува збор за непочитување.

Доколку се шетате со пријателка или со некој друг, а таа се сретне и се поздрави со некој нејзин познаник и вие треба да го сторите истото.

Во ресторан помладите лица стануваат кога кон масата ќе пријде некој повозрасен. Жената станува само ако е млада, а кон масата се приближува некој кој е повозрасен во однос на годините или положбата. Општо правило е кога некој влегува во соба каде што има луѓе, тој прв ги поздравува сите, без разлика на полот и годините. Исто така, дамата никогаш не ги чува лактите на масата.

Исто така, личноста која е млада во однос на годините, а се наоѓа на висока положба, не треба да очекува сите први да ја поздрават.

Кога станува збор за разговорот со другите, вистинската дама никогаш нема да им упаѓа на другите во збор, ќе почека другите да завршат со нивното излагање, а потоа ќе го каже своето мислење, без да го навреди туѓиот став.

Вистинската дама на упатените комплименти одговара со: „Благодарам“. Ако на реченицата „Изгледате преубаво“ одговорите со „Знам“, ќе оставите впечаток дека сте препотентна личност со превисоко мислење за себе.

Кога ќе згрешите нешто, извинете се, тоа е одлика на убаво воспитана личност, без разлика дали станува збор за маж или жена.

Што се однесува до состаницете, секогаш треба да доаѓате на време и да ги исполнувате обврските во предвидениот рок. На тој начин не само што сите ќе имаат позитивни зборови за вас, туку и ќе го почитувате туѓото и своето време.

Смислата за хумор е добредојдена особина, но вистинската дама не исмева никого – се шегувате само на своја сметка!

Кога станува збор за изгледот, секогаш треба да бидете облечени во согласност со приликата. Дискретната и ненападна шминка е одлика на вистинската жена со префинет стил.

Се подразбира дека кога кашлате, се проѕевате или кивате треба задолжително да ја ставите раката на уста, а она што речиси никој не го знае е дека бонтонот строго забранува некому да му речете „Наздравје“, затоа што на тој начин се свртува внимание на тоа што го прави личноста и се прави таа да се чувствува непријатно.

Треба да го поздравите секој сосед што живее во вашата зграда. Љубезноста и насмевката ќе ви го разубават денот и на двајцата. На повозрасна личност треба да и се обраќате во трето лице множина во секоја прилика, освен ако тие инсистираат тоа да не го правите, а секогаш кога ќе влезете во затворена просторија симнете ја шапката.

Што се однесува за информациите за поранешниот сопруг, некогашната пријателка или поранешната фирма, она што било негативно зачувајте го за себе. Во спротивно ќе излезете трачарка која незнае да чува тајна, а луѓето ќе ги натерате да се запрашаат каква личност сте вие кога сте биле во такво окружување.

Вистинската дама никогаш не фрла ѓубре на улица, сочувајте ги отпадоците во чантата додека не ја најдете првата канта.

Што се однесува до комуникацијата преку пораки, никогаш немојте да пишувате со големи букви, тоа се смета за непристојно, затоа што наликува на викање.

И најважното правило за дамите и за џентлмените – почитувајте ги другите и ќе бидете почитувани!