Борел категоричен: Во анексот јасно е напишана обврската на Приштина веднаш да создаде ЗСО

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел вечерва изјави дека во анексот на договорот, договорен во Охрид, јасно пишува дека Приштина се обврзува веднаш да создаде Заедница на српски општини.

По средбата на дипломатите на ЕУ, Борел рече дека ги информирал министрите за постигнатиот договор во Охрид, кој, како што нагласи, „е основата за нормализација на односите меѓу Србија и Косово“.

„Овој договор создава нов статус што значи дека повеќе не треба да бараме надеж во дијалогот, што ни овозможува повеќе да не бидеме во кризна атмосфера, туку да преминеме на имплементација на договорот што беше прифатен на 27 февруари. “, рече Борел на прес-конференцијата.

Тој изјави дека земјите-членки на ЕУ дале поддршка и дека процесот сега започнува.

Борел прецизираше дека договорот стапил во сила кога тој ја дал изјавата во Охрид.

„Нема потпишување од правни причини, но двете страни се согласија дека мојата изјава е прифаќање од нивна страна за целосно исполнување на обврските кои произлегуваат од договорот и анексот за имплементација“, рече Борел.

Високиот претставник повтори дека договорените одредби ќе бидат составен дел на патот на ЕУ меѓу Белград и Приштина.

„За Србија преку поглавјето 35 од преговарачката рамка. За Косово преку посебна група за нормализација. Ова ќе биде конкретен и експлицитен дел од нивното застапување на патот кон ЕУ. Внимателно ќе го следиме спроведувањето на овие договори“, рече Борел.

На новинарско прашање дали Србија има обврска да спроведе се, вклучително и членот 4 кој предвидува Србија да не го блокира членството на Приштина во меѓународните организации, Борел рече дека договорот мора да се спроведе и дека ќе има некаков календар.

„Овој календар бара од двете страни да го направат својот дел. Но, куќа не може да се гради од покрив. Треба да се почне со најитните работи. Има неколку кои се многу, многу итни. Во анексот јасно пишува дека Косово се обврзува веднаш да создаде Заедница на српски општини на северот на Косово. Ќе следиме како партиите ќе ги исполнат своите обврски, кои се составен дел од нивниот пат кон Европа“, нагласи Борел.